Дали пролетното сонце може да ни обезбеди доволно витамин Д?

Витаминот Д, познат и како витамин на сонцето, учествува во бројни процеси во телото. Се проценува дека дури половина од светската популација има недоволно ниво на витамин Д, а професионалните здруженија препорачуваат суплементација на витамин Д во сите возрасни групи.

Витаминот Д се вбројува во витамините растворливи во масти. Тоа значи дека кога го земате во форма на додаток, тоа треба да го правите заедно со оброк. Меѓутоа, телото произведува 80 до 90 отсто од витаминот Д3 преку самата кожа, а само 10 до 20 отсто се апсорбира преку храната. За да може телото да произведе витамин Д, потребна е одредена доза на УВБ зраци или сончева светлина. Овие зраци продираат во горните слоеви на кожата пред да го активираат производството на витамин Д3 преку различни меѓучекори. Ако телото прима малку или воопшто не прима сончева светлина, не може да произведе витамин Д, што е случај во зима или во месеците од октомври до март.

Кога телото почнува да произведува повеќе витамин Д?

Кога во пролет за прв пат сонцето повторно силно ќе засјае, многу луѓе го држат лицето кон сонцето, надевајќи се дека телото веднаш ќе почне да произведува витамин Д. Но, дали слабите зраци во првите месеци од годината се доволни за да се стимулира производството? За жал не. Човечкото тело може да произведе витамин Д само од одреден момент, без разлика колку топло изгледа нежното пролетно сонце. Едноставно сме во погрешен топлински појас.

Од средината на октомври до крајот на март, аголот под кој паѓаат сончевите зраци сè уште е премногу директен – дури и напладне. Причината за ова е едноставна: колку е порамен аголот под кој сончевите зраци паѓаат на земјата, толку е подолг нивниот пат низ озонската обвивка. Тоа значи дека дел од УВ зрачењето се губи и зраците веќе не се доволни за производство на витамин Д. Во април, тој агол почнува да станува поостар.

Во основа, можете да се раководите по следново – ако вашата сенка е подолга од вашата висина, за жал нема значително производство на витамин Д. За телото да произведува витамин Д преку кожата, аголот на сончевата светлина над хоризонтот мора да биде најмалку 42 степени.

Покрај тоа, колку сме посеверно во Европа, толку се пократки интервалите во кои аголот на паѓање на сонцето е доволен. Тогаш, дури и во летните месеци, сонцето не може да биде доволно високо во утринските и вечерните часови.

Типот на кожа исто така игра улога

Количината на витамин Д која ја произведува кожата зависи и од многу други фактори, освен од годишното време и географската ширина каде што живееме, зависи и од времето на денот и пигментацијата на кожата.

Колку вашата кожа е почувствителна на сончева светлина, толку побрзо произведува витамин Д. На луѓето со темна, помалку чувствителна кожа им треба повеќе сончева светлина, додека на луѓето со светла кожа им треба помалку. Значи, ако имате темна кожа, вашето тело почнува да произведува витамин Д само кога е изложено на уште поинтензивно зрачење.

Избегнувајте го попладневно сонце во лето

Во лето, во зависност од типот на вашата кожа, доволни се само 15 до 30 минути дневна светлина за телото да произведе доволно витамин Д, дури и ако е облачно. За телото да произведува витамин Д во летните месеци, сонцето е најдобро помеѓу 11 и 15 часот (најидеално време теоретски би било околу 13 часот), меѓутоа, заради здравјето на кожата, треба да избегнувате силна сончева светлина во тоа време бидејќи значително го зголемува ризикот од оштетување на кожата и развој на рак. Не го потценувајте сонцето и секогаш нанесувајте добар крем за сончање. Кремот за сончање, иако е важен за спречување на рак на кожата, може да го намали и производството на витамин Д.

Храна и суплементи

Во текот на летото, побезбедно е да посегнете по други извори на овој „сончев витамин“. Природно не се наоѓа во многу намирници, но можете да го добиете од збогатено млеко, збогатени житарки и масни риби како лосос, скуша и сардини. Доколку вие или вашиот лекар се сомневате дека не внесувате доволно витамин Д, можете да го проверите нивото на овој витамин во крвта со едноставен тест на крвта и доколку ви недостасува, да го земете како додаток во исхраната. Секогаш треба да разговарате за суплементацијата со вашиот лекар или фармацевт поради можни интеракции со лекови што можеби ги земате како терапија за хронични болести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот