
Дали младите Европејци веруваат во демократија – За 21 процент од нив, авторитарното владеење понекогаш е прифатливо
Иако 57 проценти од младите Европејци ја поддржуваат демократијата повеќе од која било друга форма на владеење, 48 проценти веруваат дека таа е загрозена во нивната земја, според ново истражување спроведено од YouGov за Фондацијата TUI.
Препорачано
Анкетата ги вклучуваше мислењата на 6.703 Европејци на возраст од 16 до 26 години кои живеат во Германија, Франција, Шпанија, Италија, Грција, Полска и Обединетото Кралство, објави „Еуроњуз“.
Резултатите покажаа дека поддршката за демократијата е највисока кај младите Германци – 71 процент од испитаниците ја поддржале – додека Полјаците покажале најниско ниво на поддршка, при што 48 проценти од испитаниците рекле дека се за политичкиот систем.
Иако мнозинството испитаници изразиле поддршка за демократијата, 21 процент рекле дека, под одредени околности, повеќе би поддржале авторитарна влада отколку демократска.
Што мислат младите за Европа и ЕУ?
Вкупно 51 процент од испитаниците се согласиле со изјавата: „ЕУ е добра идеја, но е многу лошо имплементирана“, при што највисоко ниво на евроскептицизам е забележано кај младите луѓе во Грција – дури 63 проценти од нив ја поддржале оваа изјава.
Покрај тоа, 40 проценти од испитаниците веруваат дека начинот на кој функционира ЕУ не е особено демократски.
Кога станува збор за функционирањето на ЕУ, 53 проценти од младите луѓе веруваат дека Унијата премногу се занимава со тривијални прашања, додека треба да се фокусира на решавање на поважни проблеми.
Меѓу тие приоритети, младите ги издвојуваат: борбата против кризата со трошоците за живот, зајакнувањето на одбраната од надворешни закани и создавањето подобри услови за бизнис.
И покрај критиките за ефикасноста на ЕУ, мнозинството млади луѓе сè уште го поддржуваат членството во ЕУ – 66 проценти сметаат дека членството во ЕУ е добра работа. Во Велика Британија, 73 проценти од младите луѓе рекле дека се за повторно приклучување кон ЕУ.
Елке Хлаотшек, директорка на Фондацијата ТУИ, изјави: „Европскиот проект, кој со децении ни донесе мир, слобода на движење и економски напредок, денес се смета за бавен“, објави Гардијан .
Анкетата, исто така, покажа дека младите Европејци со текот на времето стануваат покритични кон имиграцијата – 38 проценти сега поддржуваат построги имиграциски политики, во споредба со 26 проценти во 2021 година.