Дали македонските камионџии ќе се спасат од новите европски правила?

Најновите регулативи особено влијаат врз компаниите од земји што не се членки на ЕУ, воведувајќи нови административни оптоварувања, построги контроли и дополнителни процедури за водење бизнис на единствениот пазар, вели Билјана Муратовска од „Макам транс“. И европските претставници признаваат дека оваа мерка ќе го намали превозот и ќе го наруши синџирот на снабдување

Евентуално одложување на електронската апликација ЕТИАС, новиот европски систем за авторизација за возачите, вклучително и за професионалците од земјите што не се членки на Шенген зоната, е надежта во која се крстат и македонските возачи. Иако темата се уште се разгледува, генералната секретарка на Асоцијацијата „Макам транс“, Билјана Муратовска за „Слободен печат“, вели дека оптимизмот е на повисоко ниво по состанокот во Белград, на кој и европските претставници признале дека оваа мерка ќе го намали превозот и ќе го наруши синџирот на снабдување.

Како тоа изгледаше во пракса, се покажа и по неодамнешниот протест на босанските камионџии. Еднодневните протести на превозниците во Босна и Херцеговина, особено во Сараево, оставија длабоки економски последици. Повеќе од 200 камиони останаа паркирани, немаше испораки, а продавниците останаа празни. Трговските центри, аптеките, па дури и помалите пазари во Сараево се соочија со неверојатни предизвици – замислете, во еден ден, град без четири илјади тони стока!

Транспортерите не бараат ништо повеќе, туку изедначување со третманот со бродските и железничките екипажи, на кои не им се бројат деновите на престој во ЕУ, додава Муратовска. И министерот за транспорт Александар Николоски, посочи дека се во тек консултации со челниците во ЕУ за да се реши прашањето за престојот во Шенген зоната и правилата што ќе се применуваат од 12 октомври годинава.

Да потсетиме дека македонските возачи добиваат забрани за влез во ЕУ, поради правилото 90/180 (а се однесува на можноста за престој од 90 дена во границите на ЕУ за период од 180 дена). Муратовска вели дека трошоците за работа растат од месец во месец, нарачките се намалени, на границите се чека и по 16 часа, а сè досега немаше никакви знаци за разбирање од европските институции.

– Во сите земји од регионот, стоката главно се носи со камиони, а ако запре транспортот, последиците и за Македонија ќе бидат страшни. Тоа го знаат и во ЕК. Проблемот е во тоа што системот налага броење на деновите на престој во ЕУ на патничките транспортери, наместо вршење дејност. Тоа е своевидна дискриминација и нетарифна бариера, бидејќи конкретното правило важи само за превозот во патниот сообраќај. Ако на ова се додадат и транспортните дозволи, за чие вадење и натаму не е баш лесна процедурата, тогаш ќе се соочиме бројот на професионалните возачи да се намали за повеќе од 30 проценти – децидна е Муратовска.

Според генералната секретарка на „Макам транс“, има две алтернативи за решавање на проблемот, а тоа е системот да се одложи само за професионалните возачи или, пак, наместо денови да се бројат часовите на престој во ЕУ, што според Муратовска е потешко изводливо.

– Европската Унија континуирано го хармонизира своето законодавство, со цел да ја подобри ефикасноста, безбедноста и фер условите за работење во секторот за транспорт и логистика. Сепак, најновите регулативи особено влијаат врз компаниите од земји што не се членки на ЕУ, воведувајќи нови административни оптоварувања, построги контроли и дополнителни процедури за водење бизнис на единствениот пазар. И досега не контролираа, ама ако се воведе оваа иновација, тоа ќе значи дополнителни административни чекори пред влезот во ЕУ. Транспортните компании мора да ги информираат своите возачи за постапката и да се осигурат дека секој има важечка дозвола за да се избегнат застои на границата и потенцијални казни. Овие правила претставуваат посебен предизвик за транспортерите од Западен Балкан, Турција и Украина, кои се многу зависни од меѓународниот патен транспорт во рамките на ЕУ – вели Муратовска.

Обуката за професионален возач да почне од 17-годишна возраст

За да се обезбеди доволно квалификуван кадар, „Макам транс“ веќе неколку години се бори во насоката за возачи во средното образование да се дозволи уште на 17 години да се почне со обука за професионален возач, а со стекнувањето на дипломата за завршено средно образование, да се добива и сертификат за професионална компетентност.

– Оваа можност веќе се применува во некои европски земји, односно на 17-годишници им е дозволено да возат камион или комбе на нивна територија само кога се придружувани од искусен возач – додава Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот