Александар Камбовски - претседател на судски совет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дали Камбовски ќе ги истера до крај постапките за Пајазити и Беџети?

Постапките за утврдување на одговорност на судијата Пајазит Пајазити кој го пушти во домашен притвор Косовецот Блерим Рамадани, кој потоа избега, и иницијативата за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, кој се најде на „црната листа“ на САД ќе бидат меѓу предметите за кои се очекува да завршат за време на мандатот на новиот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој на 3 јануари беше избран за претседател на ова тело.

Неофицијално, за овие двајца судии се иницирани постапки, но официјално до каде се – не се открива, со оглед на тоа што според Законот за судски совет овие постапки се тајни.
Според нашите извори, токму новиот претседател Камбовски кон крајот на септември поднесе барање за поведување на постапка поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција на Пајазити.

Тој беше претседател на работната група која имаше задача да ги утврди фактите за тоа како судијата Пајазити му го сменил ефективниот притвор во домашен притвор на Косовецот Рамадани. Рамадани, инаку припадник на ОВК, а беше баран и од Србија преку Интерпол.

Пајазити ја водеше и постапката за лицата кои упаднаа во контролната кула на М-НАВ минатата година, а меѓу кои беше и Беким Незири, поранешен координатор на ДУИ во Чаир. Советот формираше тричлена комисија, која изготви извештај за постапувањето на Пајазити.

Еден од членовите на Комисијата што го изготвуваше извештајот, заменик-претседателот на Судскиот совет, Ханиф Зендели, не беше ни потпишан во извештајот, но сепак гласаше. Од образложението на Камбовски можеше да се сфати дека Пајазити го пуштил Рамадани во куќен притвор под исти околности, односно го пуштил кај роднини, иако имало опасност од бегство, бидејќи е странец и нема престојувалиште во Македонија…

Нова постапка и против веќе казнетиот Енвер Беџети

– Во предметот, што се однесува на екстрадицискиот притвор, судијата на претходна постапка по земањето изјава од лицето чија екстрадиција се барала, во која изјава тоа лице дало согласност за екстрадиција во скратена постапка, повторно го сослушало тоа лице и констатирало дека лицето ја повлекло согласноста. Исто така, во овој предмет, судијата на претходната постапка донел решение со кое била определена мерка куќен притвор, во кое дал причини, но не различни од оние што ги дал при определувањето на мерката притвор, ниту, пак, во тоа решение определил начин на извршување на надзорот од страна на МВР, СВР Скопје, ПС Чаир – рече Камбовски.

Со ова, Советот утврдил дека Рамадани прво се согласил да биде екстрадиран во Србија по скратена постапка, па се премислил и сето тоа му го дозволил судијата Пајазити. Така, му го преиначил притворот без ништо да смени и не одредил начин како МВР да го надгледува лицето.

Извештајот беше едногласно усвоен, а потоа следуваше иницирање на постапка за утврдување одговорност.

Нова постапка за иницирање на одговорност беше покрената во Судскиот совет и за судијата Енвер Беџети откако се најде на „црната листа“ на САД, заедно со поранешниот вицепремиер, Артан Груби за примање поткуп за да застарат судските процеси поврзани со поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков.

Оваа нова иницијатива, која е по друга основа, следува откако Судскиот совет веќе еднаш го казни Беџети – шест месеци со по 20 отсто скратување од платата поради чување на предметот за масовното прислушување во фиока повеќе од девет месеци.

Еден од најголемите предизвици за новиот претседател е најавата на власта за постапки против членовите на Судскиот совет кои се избрани во Собрание. Неофицијално, се зборува за разрешување, но никој официјално не потврдува кои се новите чекори на власта за овие членови чија реализација премиерот Христијан Мицкоски ја најави по новогодишните празници.

– Во принцип, Судскиот совет не сака да коментира изјави на поединечни политичари, меѓутоа, длабоко сме уверени дека Собранието како уставотворец, законодавец, ќе ги почитува и Уставот и законите и ќе постапува согласно нив и аналогно на тоа и одлуките кои ќе ги носи – рече Камбовски.

За премиерот, изборот на нов претседател не значи реформа во Судскиот совет.

– Се собрале членовите на Судски совет и си избрале претседател – беше неговиот краток коментар за изборот на Камбовски за претседател на судското тело.

Камбовски дава, но и бара поддршка од чесните судии

Камбовски од 2003-та до 2005-та година работел во Основниот суд во Битола, а потоа до 2007 работел како правник во приватна компанија. Првпат бил избран за судија во 2010 во Основниот суд Битола, откако ја завршил Академијата за судии и јавни обвинители. Веќе во 2017 -та бил избран и за судија во битолска апелација, а истата година почнува да предава и на Академијата за судии и јавни обвинители. Пред неговиот избор за член на Судскиот совет, во јуни минатата година, претходно бил и в.д претседател на Апелацискиот суд во Битола.

По неговиот избор, Камбовски најави дека ќе бара одговорност од судиите кои не работат според законите и Уставот, туку за свои лични интереси, за некаква корист, како и дека ќе даде максимална поддршка на судиите кои работат чесно.

– Мислам дека е крајно време да ги тргнеме од нашите редови тие 10, 15, 20 судии од вкупно 400 судии во Македонија. Секој судија кој не работи според законите, туку според некои негови лични интереси, дали потпаднал под влијание, дали сакал да оствари некаква друга материјална или нематеријална корист, бидете уверени дека местото нема да му биде веќе во судскиот систем. И обратно, сакам да нагласам, сите други судии кои работат чесно, а тие се огромно мнозинство, ќе имаат максимална поддршка од Судскиот совет. Вратите и телефонските линии ќе им бидат отворени 24 часа. Каков било притисок ако имаат, какво било влијание да имаат ако некој се обидува да им прави, слободно да се обратат за заштита пред Судскиот совет – порача Камбовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот