
Бидете внимателни: Дали е лошо да се пушти кучето да се валка во кал?
Некои кучиња едноставно обожаваат да се валкаат во кал, по барички, прашина и други нечистотии на кои ќе наидат додека шетаат во природа. Стручњаците велат дека тоа е природно однесување, но не е целосно познато зошто кучињата го прават тоа. До одреден степен, истото го прават и дивите животни кои се бањаат или играат во калта, но зошто кучињата особено уживаат во ова, сè уште останува мистерија, пишува „Љубимци“.
Препорачано
Иако овој инстинкт не е погрешен или штетен, сопствениците треба да бидат внимателни поради потенцијални паразити, бактерии и габички кои се наоѓаат во калта, прашината и барите.
Што се крие во прашината освен земја?
Најголема грижа за ветеринарите е бактеријата Лептоспира, која најчесто ја шират глодари, ракуни и лисици. Таа може да предизвика лептоспироза – сериозна болест што оштетува бубрези и/или црн дроб и може да доведе до нивно откажување. Лептоспирозата може да биде смртоносна, особено за невакцинирани кучиња. Затоа, сопствениците треба да внимаваат на застоена вода и бари, бидејќи бактеријата се пренесува преку урина и може да се пренесе и на луѓе.
Во некои делови од светот е честа и габата Бластомицес (Blastomyces), која живее во земјата. Таа може да предизвика кожни инфекции, а најчесто доведува до габична упала на белите дробови. Симптомите почнуваат со губење апетит и тежина, а подоцна се јавуваат и проблеми со дишењето што бараат болничко лекување. За жал, некои кучиња не ја преживуваат оваа инфекција.
Паразити како болви, крлежи и грини лесно се размножуваат во влажна и топла кал, која може да биде и дом на јајца од цревни глисти. Дополнително, ако кучето дојде во контакт со кал или трева третирани со пестициди, хербициди, фунгициди или ѓубрива, може да добие иритации на кожата или труење при голтање.
Бактериите, како Ешерихија коли, Салмонела и Кампилобактер, се уште една опасност, особено ако има животински измет во близина. Доколку кучето се лиже по контакт со нив, може сериозно да се разболи.
Како да се спречат здравствени проблеми?
Сопствениците треба да ги надгледуваат своите миленици или да ги држат на поводник, како и навремено да користат превентивни третмани против паразити. По шетање, задолжително треба да се мијат шепите и телото на кучето. Доколку кучето е пуштено во двор, просторот треба редовно да се чисти и да се користат безбедни ѓубрива и препарати за одвраќање на диви животни. Безбедни места за игра се оградени паркови за кучиња со добра санитарна практика или чисти плажи изложени на сонце.
Како да се спречи кучето да се валка во кал и прашина?
Иако валкањето е природно, сопствениците можат да го контролираат:
- да го држат кучето на поводник,
- да го научат на команда „остави“ и да му го свртат вниманието кон нешто повозбудливо,
- да го наградуваат со грицка и пофалба кога ќе прекине.
- Играчки и активности кои можат да го забават кучето и да го одвратат од калта.
- Важно е да се запомни дека казнувањето или карањето нема да даде резултат – кучето не разбира дека неговото однесување е „погрешно“.
- Ако имате двор и кучето сака да се валка, направете му безбеден агол за игра со чист песок или со јама полна со топчиња.