
Дали ДПМНЕ ќе има проблем со законот поради „врската“ со фашистичката ВМРО?
Измените на Законот за политички партии се за да се зголеми транспарентното дистанцирање од фашизмот, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека партијата ќе го задржи континуитетот со ВМРО на докажаниот фашист Михајлов.
Ако ВМРО-ДПМНЕ не се огради од Ванчо Михајлов, дали со тоа го доведува во прашање сопственото дејствување како политички субјект, особено по измените на Законот за политички партии?
Препорачано
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека партијата ќе го задржи континуитетот со историското ВМРО, значи и со дејствувањето на тогашниот лидер, антимакедонистот и соработник на фашистите Ванчо Михајлов, без разлика што ДПМНЕ не се согласува се неговите политики.
Мицкоски побара да се затвори бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, но не и тој во Битола што го носи името „Иван Михајлов“.
Политички аналитичари предлагаат ВМРО-ДПМНЕ да се откаже и од континуитетот со историското ВМРО и да се огради од контроверзните ликови како Иван Михајлов или да го задржи континуитетот, но во секој случај да се огради од колаборационистите со фашизмот.
– Како што кажа Мицкоски, контроверзниот историски лидер Иван Михајлов е дел од континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи оваа партија се декларира како наследничка на историското ВМРО. Но не можам да разберам тогаш зошто создава таква хистеризација кај неговото членство околу ликот и делото на овој соработник на Третиот рајх. Едноставно, полесно е да се откаже од тој континуитет, прво бидејќи историското ВМРО никогаш не било политичка партија и, второ, не е само Иван Михајлов „контроверзен“ лик со кој ДПМНЕ има континуитет. И генералите во бугарската армија од Првата светска војна Тодор Александров и Александар Протогеров се дел од тоа партиско наследство на ДПМНЕ, од кое треба да се оградат, ако веќе толку се претставуваат како најпатриотската партија кај нас. Големата грешка на нашиот институционален систем од почетокот на независноста е што се дозволи да се регистрираат партии со предзнакот ВМРО. Сега мислам дека е многу доцна да се забрани овој акроним, бидејќи ќе се толкува како прогон на најголемата опозициска партија – вели за „Слободен печат“ политикологот Благојче Атанасоски.
За тоа дали со измените на Законот за политичките партии, предложен од СДСМ, а поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ, со кои исто како и со измените на Законот за здруженија се засилува оградувањето од фашизмот, нацизмот итн. практично алудира на фашистичките врски на Михајлов, Мицкоски вели дека денешните лидери не мора да се согласуваат со начинот на кој делувале претходните.
Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Ѓулистана Марковска смета дека Мицкоски не се оградил од Ванчо Михајлов зашто се плаши.
– Тој не е човек што може сам да донесе став. Партијата треба да одлучи дека е во континуитет со ВМРО од 1893 година, но дека се оградува од оние што се докажале како колаборационисти авторитарни или фашистички режими, а кои нашата историска наука не ги рехабилитирала. За Михајлов се знае дека отворено соработувал со фашистичкиот окупатор и тој кон крајот на својот живот тоа јавно и го кажува – вели Марковска.
Измените на Законот за политички партии се за да се зголеми транспарентното дистанцирање од фашизмот, нацизмот и од националсоцијализмот. Дејствувањето на партиите не може да биде насочено кон разгорување национална, расна или верска омраза, етничка нетрпеливост, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам или повикување на личности и настани од минатото поврзани со идологијата на Третиот рајх.