Мирослав Јовановиќ- директор и медиа директор на „Слободен печат“

Дали демократијата ја исцрпи својата суштина?

Можеби најголемата иронија на современата демократија е тоа што волјата на народот станува сѐ помалку релевантна. Партиите функционираат како кланови кои сè повеќе се занимаваат со одржување на моќта, отколку со претставување на интересите на граѓаните.

Во светот во кој живееме денес, либералната демократија сè уште претставува доминантен политички систем, барем формално. Таа формалност се огледа и би требало да се темели на начела какви што се слободата, еднаквоста, владеењето на правото и народната волја. Но не е така. Сепак, сè поголем број аналитичари, интелектуалци, па дури и обични граѓани сè почесто го поставуваат прашањето – дали демократијата ја исцрпи својата суштина? Кога ова прашање ќе го ставиме во перспектива на нашата 30 и кусур-годишна демократија и самостојност, ова прашање не е само реторичко или теоретско, туку има сериозни импликации врз иднината на нашето општество.

Именката Демократија како кованица сочинета од два старогрчки збора (demos -народ и kratein – владеење) би требало да претставува, најпросто кажано – владеење на народот. Тоа би значело дека секој граѓанин има еднакво право преку општествените демократски механизми да учествува во донесувањето одлуки што го засегаат неговиот живот. Но во реалноста, современата либерална демократија се трансформира во систем во кој формата останува, но суштината е сè понејасна, па дури и компромитирана. Пренесено во нашата сегашност, потсетете се кој сè во изминатиов период владееше во нашата земја, од општинско до парламентарно ниво. Да се потсетиме дека најголемите светски општествени турбуленции биле предизвикани и се последица на „обични, демократски избори“. Тоа се случува и денес кога без контролен општествен механизам му „давате“ на народот „апсолутно право на глас“ (Хитлер, Мусолини, Хуго Чавез, Мадуро, БРЕГЗИТ, АфД во Германија, Ле Пен во Франција, Најџел Фараж во Обединетото Кралство итн.) и се доведувате во состојба за која парафразираната мисла на Аристотел има полно значење и гласи: „Во демократија, бедниот има иста политичка моќ како и богатиот – право на глас. Но само тоа“ (Аристотел „Политика“, Книга IV и Книга VI).

Демократијата како форма без содржина

Денешните демократии сè повеќе функционираат како политички театри каде што главните глумци во „претставата“ се претежно дојдени од периферијата на животот, но особено политички амбициозни, со намера да нѐ „усреќат“. Изборите се редовни, институциите се на своето место, партиите се активни, а слободата на изразување, барем номинално, постои и е заштитена со устав во секоја демократска земја. Теоретски звучи супер. Но под површината, реалната моќ се концентрира во рацете на други пресоздадени центри на моќ, не на народот. Народот, кој според принципите на демократијата треба да биде суверен, станува пасивен набљудувач, немоќно лице. Ова е баш упростено кажано, без намера да се впуштам во правно политички теории на народ, глас, суверенитет, владеење итн.

Се создава впечаток дека демократијата се претвора во систем во кој граѓаните имаат избор – но не и реално влијание. Оваа „демократија на минимален ангажман“ го сведува учеството на народот на гласање еднаш на неколку години, по што власта ја преземаат партии или поединци што често не ги исполнуваат ветувањата или дури и ги игнорираат интересите на своите гласачи. Да не зборуваме дека власта во нашата земја се освојува со просечно 30-35 отсто гласови од вкупниот број регистрирани гласачи.

Слобода на мислата, на говорот и на изразувањето се сметаат за темелни вредности на секоја демократија. Меѓутоа, денес тие се сè повеќе под притисок. Со појавата на дигиталните платформи, се отворија нови можности за слободно информирање, но и за манипулација и злоупотреба. Алгоритмите на социјалните мрежи не ја рефлектираат волјата на граѓаните, туку ги засилуваат веќе постојните уверувања, создавајќи „ехо-комори“ во кои критичкото размислување е потиснато. Во вакви услови, слободата станува привид – постои, но е под постојана закана. Што се однесува до законите – тие важат за сите, но не се применуваат еднакво. Моќта да се влијае врз политичките одлуки е нерамномерно распределена, што ја нарушува идејата за фер и праведно општество.

Можеби најголемата иронија на современата демократија е тоа што волјата на народот станува сѐ помалку релевантна. Партиите функционираат како кланови што сè повеќе се занимаваат со одржување на моќта, а помалку со претставување на интересите на граѓаните. Откако еднаш ќе добијат мандат, ретко се консултираат со граѓаните при носење клучни одлуки; на неколкумина „свои“ ќе им се доделат „награди“ за изборната победа, во зависност од рангот – лепачот на изборни плакати станува чувар, возач во некое јавно претпријатие, додека главните финансиери на кампањите добиваат мрсни тендери. И тука завршува сè. Истовремено, механизмите за директна демократија (како референдуми, граѓански иницијативи, јавни расправи) се слабо развиени или формално постојат, но без реална моќ. Граѓаните чувствуваат отуѓеност и разочараност, што доведува до апатија, намалено учество во општествените процеси и недоверба во институциите. Демократијата без активно, ангажирано граѓанство е празна приказна.

Како понатаму?

Современиот демократски модел (во кој спаѓа и нашиот) бара генерален ремонт – исклучиво поради сопствената самоодржливост и перспектива на општеството. За да продолжи непречен развој на едно од „најнесовршените но најдобрите“ облици на владеење (подобар не е измислен до ден-денес) потребно е да се „измислат“ „self-resilient“ (саморезилиентни) општествени и/или правни механизми, кои самостојно ќе ја одржуваат или ќе ја враќаат стабилноста и функционалноста на демократијата избегнувајќи големи општествени потреси или кризи. На правно политичките теоретичари и мислители е да дадат одговор на ова прашање – како понатаму?

Сепак, да се тврди дека демократијата е целосно исцрпена би било пренагласено. Можеби не сме сведоци на нејзиниот крај, туку на криза – криза на моделот, на довербата и на вредностите. Демократијата, каква што ја познаваме денес, не е совршена – далеку од тоа. Таа се соочува со сериозни предизвици кои ја разнишуваат нејзината суштина. Но наместо да ја отфрлиме, мораме да ја преиспитаме, да ја надградиме и да ја направиме посоодветна за современиот свет. Нема место за дефетизам, ни случајно. Суштината на демократијата не е само во институциите, туку во живиот однос меѓу народот и власта. Додека тој однос постои – постои и можноста за нејзина обнова и развој. Сите други алтернативни облици на владеење и општествена организација, докажано водат во катастрофа.

Локалните избори ни се на врата. Еве нова шанса за нашето граѓанство да се увери дали демократијата во денешна форма придонесува кон општото добро или е и понатаму само „форма без содржина“.

(Авторот е медиа директор на медиумскиот сервис на „Слободен печат“)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот