Петар Арсовски / Утрински брифинг

Дали 2025 ќе биде година на лажен оптимизам?

Светот ќе остане нестабилен и небезбеден и во 2025. Планетата во последните 50 години никогаш не била поблиску до глобален конфликт, и не гледам дека тој тренд во 2025 ќе се намали, напротив…

Кога датум за колумна ти е 1 или 2 јануари, практично нема што друго да пишуваш освен за претходната година, и за прогнозите за наредната. Така, доследно на традицијата, време е да се осврнеме на 2024 – година на сериозни политички промени, во светот, и особено во Македонија. Целосна промена на политичкиот амбиент, на дискурсот, но, би рекол, и на стратегијата за развој и планот за тоа каде треба да оди државата во следната деценија. Помалку глобализам, повеќе интроспектива. Со оваа мантра, Македонија, но и целиот регион, па дури и светот, влегоа во еден ретрограден, атавистички циклус, насочен против глобализацијата и либералната демократија. Антиестаблишмент идеологијата, поткована со значајна доза неодговорен популизам, а сето тоа во обланда на „заштита на традиционалните вредности“, создадоа амбиент во кој стана непопуларно, а ќе стане и политички опасно, да бидеш прогресивен. Тој тренд се прелеа во наплив на поконзервативни, десни политички пејзажи, безмалку насекаде во светот. САД се еден посериозен пример, Германија е вториот.

Нестабилно и небезбедно и во 2025

 

Суштинското прашање е дали тие трендови ќе продолжат и во 2025 година, и како тоа ќе се одрази на вкупниот политички амбиент. Иако настаните се толку непредвидливи што која било прогноза може на крајот да биде неточна, постојат трендови што можат да се идентификуваат и да се предвидат. Во најголема мера, сметам дека 2025 ќе се покаже како година на лажен оптимизам. Мислам дека многу надежи за напредок, на домашен и на меѓународен план, ќе бидат изневерени, а дека плановите за подобрување на состојбите може да се покажат како пусти желби.
Светот ќе остане нестабилен и небезбеден и во 2025 година. Планетата во последните 50 години никогаш не била поблиску до глобален конфликт, и не гледам дека тој тренд во 2025 ќе се намали, напротив, мислам дека ни следува период на продолжени војни на повеќе места. Прво, и покрај најдобрите планови за брз прекин на воените дејства во Украина, мислам дека тоа е полесно да се каже во кампања одошто да се оствари на терен. Можните решенија за брз прекин на војната во Украина се единствено фокусирани на т.н. „Кипарско сценарио“ – замрзнување на дејствата и на освоените територии, што е, во најдобра рака, само привремен прекин на огнот, не и целосен план за решение. Но и таквото примирје, мислам дека ќе се покаже тешко остварливо, особено имајќи ги плановите на Путин за дополнителни конфликти (Молдавија, Грузија, па дури и Полска).

Понатаму, конфликтот на Блискиот Исток, исто така има тенденција да продолжи (иако без таков потенцијал за ескалација како оној во Европа). Трето, во овој нестабилен светски период, Кина ги покажува сите знаци дека сака повторно да го анектира Тајван. Згора на тоа, ќе продолжат и ќе се засилат економските конфликти, во манирот секој против секого, што за малите земји како нас, е секако лоша вест. Општо земено, нема голема причина за оптимизам на глобален план за 2025.

Разочараните од 2024 тврдат дека 2025 ќе биде подобра

На тоа треба да се додаде и ризикот за целосната политичка и економска атрофија на ЕУ. Иако во 2024 Унијата покажа некакви знаци на заедничка надворешна политика, за нас најзначајна преку зголемениот апетит за проширување со Албанија и Црна Гора, се плашам дека во 2025 година тој апетит ќе се намали и може да се покаже како целосно козметичка наместо суштинска иницијатива. Тоа ќе им дојде како „кец на десетка“ на локалните авторитарни опоненти на проширувањето и ќе додаде гориво на веќе етаблираниот наратив дека „сме си доволни самите на себеси“. Значи пробив кон ЕУ нема да има, ни за нас, ни за регионот. Мантрата дека не ни треба никој, и дека самите ќе ги решиме домашните проблеми, традиционално за сите земји на Балканот секогаш била рецепт за катастрофа. Прашање е колку добрите намери (кои за волја на вистината се очигледни кај новата влада) ќе издржат пред притисокот на клиентелизмот, популизмот и национализмот. Без заедничка визија за иднината, заеднички цели, па ако сакате, и инфузија на знаење и европски вредности, ризикот дека секоја добра намера ќе заврши на буништето на историјата како фарса (емпириски докажано) е голем. Дури и најамбициозните домашни реформи, економски иницијативи, или спорадичен изблик на борба против корупција, се осудени да бидат само краткотрајна епизода, ако не се преточат во суштински системски трансформации – кои се можни само со големи потези. ЕУ за мојата генерација беше таков потег, но тој забрзано се распаѓа пред нашите очи. Сега е ред новата генерација да каже кој е новиот план.
Значи, како вистински постновогодишен песимист, немам големи надежи за 2025 година на глобален и регионален политички план. Разочараните од 2024 тврдат дека 2025 година ќе биде подобра. Јас такви индиции не гледам. Знам дека е можеби малку непријатно како за почеток на новата година, но трендовите и податоците укажуваат на таков развој на настаните. Сепак, признавам: би бил многу среќен кога 2025 година би ме демантирала.

(Авторот е политички аналитичар и публицист)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот