Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Да се кажат со име и презиме тие кои некрофилски ни забиваат нож во грб – реакција по средбите на дел од родителите со Мицкоски

Родителите кои биле на средба со премиерот Христијан Мицкоски да се кажат со име и презиме, некрофилски ни забиваат ножеви во грб. Ова е првата реакција на мајка на загинато девојче во трагедијата во кочанската дискотека откако премиерот на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ откри дека минатата недела се сретнал со роднини на настраданите.

– Родителите се со име и презиме! Бараме сега јасно и гласно и јавно да се претстават пред сите нас родители на кои некрофилски ни забиваат не ножеви во грб, туку секири ни забиваат, а глодарски ни ги распарчуваат и така скршените и распарчени наши души, а со тоа што ни го прават, ниту нашите агнели не ни ги оставаат да почиваат во мир. Арам и срам да се нема бре! – објави на Фејсбук Верица Трифунива, мајка на загинатата Моника Спаснова.

Во објавата таа прашува зошто дента кога дошле во Скопје не биле примени во Владата.

-Кога одевме за Скопје, зошто нè малтретираа на тоа пеколно жешко и не нè удостоија, а има издвоен состанок со сите родители? Секоја задоцнета реакција си има последици. И како тие жени, мајки, медицински сестри, наставнички, професорки и од други професии, не ли се пронајдоа како понижени дека се враќаат во ноќните часови и дена нивните деца се безбедни? И тоа не ми е јасно – стои во објавата на Фејсбук.

Од Владата на прашање на „Слободен печат“ вчера не одговорија дали премиерот се сретнал со семејствата на сите загинати во трагедијата, но во говорот Мицкоски најави дека ќе продолжи со средбите со семејствата на загинатите и во Скопје и во Кочани.

-Ве информираме дека на барање на семејствата, средбата не беше најавена во медиумите. Како Влада имаме обврска да ги почитуваме барањата на сите граѓани кои остваруваат средба со премиерот и од таа причина остануваме на веќе изнесените ставови на претседателот на Владата. Ние остануваме во постојан контакт со сите засегнати од трагедијата, но воедно нема да подлегнуваме на желбата на неколкумина да прават политички злоупотреби од оваа трагедија – велат од Владата за „Слободен печат“.

Мицкоски се сретнал со семејства на загинатите од Кочани – средбата била тајна на барање на семејствата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот