
Да не трупаме отпад, да го искористиме како алтернативно гориво
ТЕЦ „Неготино“ ја чуваме како резервен капацитет со 150 вработени, а можеме да ѝ дадеме енергент – отпад, така ќе го решиме и прашањето со отпадот и ќе добиеме електрична енергија, вели професорот Даме Димитровски од Машинскиот факултет
Животниот век на сè што може да се рециклира треба да се продолжи. Така не само што ќе ги зачуваме природните ресурси, туку помалку ќе загадуваме и ќе заштедиме милиони евра годишно. Но, за да се реализира тоа, треба повеќе да се работи на свеста на населението, на јакнењето на законската рамка, на подигнување на нивото на одговорност на општините и поголеми одвојувања за складирање и селекција на отпадот.
Препорачано
Ова беа главните пораки од дводневната работилница насловена „Декарбонизација на економијата – придонесот на цементната индустрија“, што ја организираше Цементарница „Усје“, а на која учествуваа и претставници од Министерството за животна средина, Македонската асоцијација за цврст отпад и универзитетски професори.
Професорот Даме Димитровски од Машинскиот факултет потенцираше дека во време на енергетска криза мора да се размислува за алтернативните горива. Тој потсети дека сè околу нас е енергија што се трансформира, а останува на нас како ќе ја искористиме.
– На пример, наместо да ја чуваме ТЕЦ „Неготино“ како резервен капацитет со 150 вработени, можеме да ѝ дадеме енергент – отпад. Така ќе го исчистиме отпадот и ќе добиеме електрична енергија – рече Димитровски.
Цементарница „Усје“ веќе подолго време користи алтернативно гориво, кое може да се добие со преработка и соодветен третман на биомаса, какви што се дрвени струготини и оризова арпа, но и отпадоци од текстил.
– Ние сме меѓу првите што инсталираа опрема за употреба на алтернативни горива. На тој начин директно придонесуваме во процесот на декарбонизација. Досега пет проценти од класичните енергенти за производство на цемент ги заменивме со алтернативни горива. Дополнително, до 2030 година ќе вложиме 10 милиони евра во зголемување на нашиот придонес во овој процес – ќе ја зголемиме употребата на алтернативни горива за трипати, а за петпати ќе го зголемиме уделот на биомаси во горивата – рече Гоце Цветковски, технички директор на „Усје“.
Но Цементарница не може да го обезбеди целото потребно алтернативно гориво од преработен отпад од Македонија, а причина за тоа е што сè уште немаме добар систем на собирање и селекција на отпадот, како и интерес за негова соодветна преработка, за што зборуваше претседателот на Македонската асоцијација за цврст отпад (МАСВА), Михаил Матевски.
– Многу е поевтино и многу помалку ресурси и енергија се трошат ако нешто се рециклира. Но претходно, тој отпад треба да се собере наместо да заврши на отпад – рече Матевски.
Тој посочи дека секоја фирма треба да се грижи за својот производ до крајот на „животот“ на тој производ. На пример, ако станува збор за пластична или стаклена амбалажа, да се грижи како таа да заврши како селектиран отпад за рециклирање. Притоа, Матевски потсети дека во некои земји се наплатуваат кауции дури и за пластични шишиња.
Ана Мазнева Каранфилова, раководителка на секторот за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, порача дека кај сите треба да се развие свеста бидејќи мора да се справуваме со отпадот што го правиме и дека за тоа денес постојат современи начини на кои мора да им веруваме.
– За да се изгради една регионална депонија, потребни се многу испитувања. Цел процес трае некаде четири години. За изградба на регионален систем за управување со отпад во Источниот и во Североисточен плански регион се направија неопходните истражувања, се одобри и грант од ЕУ од 40 милиони евра, но градоначалникот на Свети Николе вели дека тие не се согласуваат таму да биде изградена регионалната депонија и работата застана – објаснува Мазнева Каранфилова.
Професорката Марина Малиш Саздова од Факултетот за безбедност посочи дека е евидентно дека постојат разни видови еколошки криминал и во земјава, но дека има малку пресуди. Таа укажа на малиот број инспектори и на тоа дека има многу општини што не ја исполнуваат законската обврска да имаат еден инспектор за животна средина.