Фото: Flickr/Weining Zhong/Приватна архива

Интервју со д-р Даниела Попоска, онколог: До 2050 година секој втор човек ќе има малигно заболување

Според податоците на Светската здравствена организација, во последните години канцерот секојдневно одзема сè повеќе животи. Вознемирувачки се и статистиките дека секој трет човек боледува од неков вид на оваа малигна болест. Медицината напредува, но лек сè уште нема. Канцерот расте тивко без специфични симптоми во рана фаза. Постојат повеќе од 100 видови канцер со различни симптоми. Бројките се загрижувачки, а предвидувањата за следните 25 години се застрашувачки. За канцерот, неговото ширење, симптомите и лекувањето разговараме со д-р Даниела Попоска – лекар онколог од приватната клиника „Аџибадем – Систина“, специјалист докторанд на Медицинскиот факултет при УКИМ Скопје. Докторката вели дека статистиките се застрашувачки, но точни.

Последните истражувања на Светската здравствена организација, кои велат дека секој трет маж и секоја трета жена боледуваат од некој вид рак, се загрижувачки. Која е причината за растот на малигните заболувања во изминатите години?

– Секоја едукација ја започнувам со фактот дека секој трет маж и секоја трета жена боледуваат од рак. Причините се многубројни: брзиот и стресен начин на живот, неправилната исхрана, прекумерната тежина, недостигот на физичка активност и загадувањето. Напредокот во медицината и во технологијата овозможува попрецизна и рана дијагностика, која го зголемува бројот на откриени случаи, но истовремено ја подобрува шансата за успешно лекување преку навремено препознавање на болеста.

Други истражувања, пак, од страна на меѓународните агенции што работат на оваа тематика, велат дека цигарите, алкохолот, дебелината и загадениот воздух, до 2050 година ќе бидат индиција за над 35 милиони нови случаи на заболени од рак, што значи пораст од 77 проценти во споредба со овој период. Проекциите покажуваат дека до 2050 година секој втор човек или жена ќе се соочи со дијагноза на рак. Овие податоци, иако звучат алармантно, се поткрепени со релевантни истражувања. Највисоката инциденца се забележува во високоразвиените земји, поради начинот на живот, загадената околина и недостигот од здравствена грижа. Загадениот воздух и пушењето се главни ризик фактори за рак на белите дробови. Неправилната исхрана и недостигот на физичка активност го зголемуваат ризикот од рак на простата и на дебелото црево.

Како што веќе споменавте, ракот на дојка е најчест малигнитет кај женската популација. Колку стадиуми на канцер постојат и што точно значи секој од нив?

 – Во светот годишно се дијагностицираат над 2,2 милиони нови случаи на
карцином на дојка, со повеќе од 600.000 смртни случаи. Како и кај
повеќето други малигни заболувања, карциномот на дојка се
класифицира во четири клинички стадиуми. Стадиумите I до III се
сметаат за рана фаза на карцином на дојка, додека стадиум IV
претставува метастатска болест. Раниот карцином на дојка обично е
излечив, додека метастатската болест е неизлечива, но може да се
контролира и третира како хронична состојба. Прогнозата, начинот на
лекување и преживувањето на пациентите во голема мера зависат од
стадиумот на болеста при поставување на дијагнозата.

Секој пристап до пациентот со дијагноза канцер треба да биде индивидуален како за дијагностика така и за лекување. Што прво ги советувате пациентите по добиените позитивни резултати?

– Она што е најважно кога пациентите ќе добијат дијагноза за канцер е да останат смирени, да не брзаат со одлуки и да не се упатуваат веднаш исклучиво кај хирург. Во современата медицина третманот на малигните заболувања се одвива преку мултидисциплинарни тимови. Во овие тимови учествуваат повеќе специјалисти – онколог, радиотерапевт, радиолог, патолог и хирург – кои заедно, следејќи протоколи засновани на докази, одлучуваат за најдобриот начин на третман за секој пациент. Тоа значи дека одлуката за третман не ја носи еден човек, туку тимот во целина. Дури и кога мултидисциплинарните тимови не функционираат целосно, важно е да се побараат мислења од сите релевантни специјалисти пред да се донесе конечна одлука. Затоа секогаш советувам да не се брза и да не се носи одлука истиот ден.

Дали пациентот има избор кога е во прашање лекувањето или пак мора да се придржува до правилата препорачани од онкологот и дали алтернативното лекување е дозволено?

– Секој пациент има избор кога станува збор за терапијата. Онкологот не поставува правила, туку го советува пациентот врз основа на препораки и протоколи кои гарантираат правилен третман. Улогата на онкологот е на разбирлив начин да му објасни на пациентот со што се соочува, кои се опциите за третман, придобивките од нив, како и потенцијалните ризици и несакани ефекти. Одлуката за третманот секогаш се носи заедно. Алтернативното лекување кое се изведува комплементарно (паралелно) со медицински третман заснован на докази, е дозволено. Таквата комплементарна медицина може да вклучува суплементи, акупунктура, јога, медитација и сл. Сепак, алтернативните методи кои целосно ја исклучуваат или не ја признаваат конвенционалната медицина не се дозволени.

Кога се работи конкретно за карциномот на дојка, во кои случаи мастектомијата е неизбежна?

– Мастектомијата е еден од најчестите хируршки третмани за карцином на дојка во Македонија. Овој податок зборува за состојбата на здравствениот систем и за нивото на здравствена едукација. Таа треба да се применува само во одредени случаи каде што е неизбежена процедура. Мастектомијата е неопходна кај инфламаторен карцином на дојка, ностителство на BRCA мутација, кога туморот е премногу голем во однос на дојката или зафаќа значителен дел од брадавката и кај пациентки третирани со неоадјувантна хемотерапија, а туморот не е маркиран претходно.

Откако пациентот ќе добие резултати дека канцерот не е повеќе присутен во неговото тело, какви се шансите тој повторно да се врати, на што треба најмногу да се внимава во периодот на ремисија?

– Пациентите со рана форма на карцином, кај кои прво е извршен оперативен третман и кои примаат адјувантна терапија, се сметаат за излекувани доколку нема докази за присутна болест. Сепак, ризикот од повторување постои и зависи од стадиумот и типот на карциномот. Кај пациенти со напредната локорегионална болест, која е иноперабилна, може да се постигне ремисија по спроведена онколошка терапија. Од друга страна, кај пациентите со метастатска болест, не можеме да зборуваме за целосно излекување. Тука ремисијата значи привремено повлекување, а времетраењето зависи од почетниот обем и од биологијата на канцерот. За да се минимизира ризикот, пациентите се следат редовно со сликовна дијагностика и контроли. Во првите пет години контролите се доста почести, бидејќи во овој период ризикот од повторување е најголем.

Она што малку е познато е тоа дека децата на пациентите со канцер потребно е да направат тест BRCA 1 и BRCA 2 за да видат дали и тие би биле подложни на оваа болест во иднина. Ве молам да ни објасните нешто повеќе за оваа постапка?

– Носителите на вродена мутација на BRCA генот имаат зголемен ризик за развој на одредени видови рак при што ризикот за рак на дојка кај носители изнесува околу шеесет проценти и најчесто се појавува во шестата деценија. Понатаму, постои поголем ризик за рак на јајници, рак на простата, како и на панкреас кај двата пола. Носителството на мутација се утврдува со генетска анализа, препорачана за сите пациенти под 60 години со рак на дојка, за пациентки со тројно негативен рак на дојка, за мажи со рак на дојка, жени со рак на јајници, како и за мажи со рак на простата и  мажи и жени со рак на панкреас. Оваа мутација не само што го одредува ризикот, туку е и значајна при одлуката за типот на третманот. Потомците на носители на BRCA мутации потребно е да се тестираат. Доколку се потврди носителство, се вклучуваат во регистар на носители за да добијат процена на ризикот, заедно со совети за намалување на тој ризик. Во Македонија сè уште не постои регистар на носители, што претставува значителен предизвик за нивно следење и организирана превенција.

И за крај, многумина бараат одговор, како да спречат да се најдат на списокот на заболени што секојдневно расте, како превентивно да делуваат и дали крвна слика е доволна навремено да се детектираат одредени промени малигни промени во телото?

– Она што сите можеме да го направиме е да се сакаме себе и да го слушаме своето тело. Тоа значи да се храниме со храна богата со влакна – зеленчук и овошје и да пиеме доволно вода, да се вежба редовно и да се избегнува пушење. Со еднаква важност се и превентивни прегледи. За карцином на дојка, мамографијата е основен скрининг, кој треба да започне од 40-тата година, а за жени со зголемен ризик и порано. Од друга страна, ПАП-тестови се важни за откривање на карцином на грлото на матката. Во Македонија, за жал, нема скрининг за карцином на бели дробови со нискодозна томографија каква што е светската практика. На пушачите над 50 години им препорачувам да направат рентген на бели дробови, и да прават прегледи зависно од нивниот пушачки стаж. Кај мажите над 50 години годишен ПСА-тест за простата и преглед кај уролог, додека колоноскопијата, како скрининг за карцином на дебелото црево, е препорачана после 45-та година. Важно е да се ослободиме од стравот од непознатото. Сè што се открива рано, се открива навреме, а тоа ни дава поголеми шанси за успешно лекување. Треба да си дадеме време за себе и да вложуваме во своето здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот