
Д-р Исјановски: Да не се прават метежи за вакцинирање без термин, процесот нема да трае само еден ден
Граѓаните да бидат трпеливи и да не создаваат гужви пред вакциналните пунктови, апелира директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски, коментирајќи го денешниот метеж пред скопските поликлиники откако започна вакцинација против ковид-19 без закажување термин.
Препорачано
Во изјава за ТВ Телма, Исјановски вели дека вакцинирањето нема да трае само еден ден и дека граѓаните имаат можност кога сакаат во текот на денот да дојдат на вакцинација.
„Не можам да ви кажам зошто се случуваат турканици, можеби луѓето гледаат да го искористат поладниот дел од денот и да дојдат во утринските часови. Сметам дека граѓаните не треба да прават поголеми гужви. Ова не е само еден ден. Ова ќе трае и во било кој период од денот, во прва и втора смена, граѓаните може да одат да се вакцинираат. Не знам зошто се создаваат гужви. Не би требало да се создаваат гужви и затоа напоменувам граѓаните да бидат трпеливи. Не почнавме со вакцинација денеска прв пат, па да се создаваат гужви. Но, ако има потреба би побарале помош од полицијата или војската за создавање на ред“, вели Исјановски.