Д-р Дејан Докиќ: „Ивермектинот“ има ефект во лекувањето на ковид-19, му дадов и на синот кога разви симптоми

Откако компанијата производител на лекот „Ивермектин“, „Мерк“, објави дека овој препарат не лечи ковид-19, медицинската стручна јавност изрази несогласување. Медицинските професионалци со кои контактираше „Слободен печат“ потврдија дека лекот кај нас продолжува да се администрира и има позитивни резултати.

Алијансата од еминентни американски професори и лекари по интензивна нега со седиште во Вашингтон, воопшто не се согласува дека Ивермектинот нема ефект во лекувањето и превенцијата на Ковид 19. Тие со остри зборови и се спротивставија на компанијата „Мерк“.

– Ја потсетуваме компанијата Мерк на зборовите од синот на нивниот основач, Џорџ Мерк кој во 1950 година кажа ,,Никогаш не треба да заборавиме дека лековите се за луѓето. Не се за профити. Профитот секогаш се појавува. Се појавува уште повеќе, кога запаметуваме дека лековите се за луѓето а не за профити”. Нашата искрена надеж е дека бројните докази за ефикасноста на Ивермектин во третманот на Ковид 19 ќе ја охрабри компанијата да поддржи клинички студии за да се утврди соодветниот тајминг, дозирање на лекот, особено кога се соочуваме со најлошата пандемија во последните 100 години, напишаа од американската алијанса.

Клиниката за пулмологија изработи и протокол за дозирање и употреба на Ивермектинот во Македонија. Директорот на оваа клиника, доктор Дејан Докиќ, за „Слободен печат“ објаснува дека опсервациски, од она што може да го види кај пациентите, но и кај негови блиски од непосредното опкружување, Ивермектинот има ефект.

– Ивермектинот има механизам врз основа на кој делува. Тој спречува навлегување на протеини од вирусот САРС- Ков-2 во јадрото. Јадрото е како сеф, не може секој да влезе. Клетката се брани така што лачи интерферони. Интерферонот поттикнува антивирусни процеси во нападнатата клетка, излегува од неа, оди кај соседните клетки и им сигнализира дека има вирус и да ја спремат антивирусната одбрана. Но, што прави коронавирусот и во што е неговата непредвидливост? Преку еден импортин кој го користи како канал, влегува внатре во јадрото и го блокира антивирусниот механизам на заштита. Но, докажано е дека Ивермектинот ги уништува тие транспортни молекули и протеините од вирусот не можат да влезат внатре! Ако ништо друго, не ја кочи антивирусната одбрана што е многу важно зашто на ваков начин организмот ќе го победи вирусот, нема да има тешка клиничка слика и можеби нема да се заврши со смрт. Тоа се хипотезите на кои што медицинскиот свет го дава Ивермектинот, врз основа на сите овие познавања. Имаше и доктор во Сенатот на САД кој под заклетва одговараше, каде што молеше Ивермектинот да се регистрира во ФДА зашто има позитивни ефекти. Во Аргентина од 800 лекари кои примале превентивно Ивермектин, ниеден не се разболел додека друга група која не примала се заразиле над 20 проценти од вирусот, и покрај носењето маски. Има медицински информации од доктори кои ова го укажуваат и прашањето е зошто да не го даваме Ивермектинот, посочува доктор Докиќ во изјава за „Слободен печат“.

Тој додава дека досегашното негово искуство, опсервациски покажува дека има подобрување кај оние кои напиле Ивермектин после контакт со заболен.

– На син ми му го дадов кога го дијагностицираа и немаше температура, туку само загуби вкус и мирис. И јас сум се напил и досега не сум добил Ковид 19. Опсервациски сметам дека има ефект, објаснува доктор Докиќ.

Претседателката на здружението на матични лекари, доктор Лилија Чолакова -Дервишова, исто така ни кажа дека препишува Ивермектин и за превенција и кај пациенти кои имаат симптоми на Ковид 19.

– Моето искуство е позитивно. Пациентите се добри и тестовите што ги прават следниот пат по примањето на лекот се негативни. Имам пациенти кои се на домашно лекување и го примаат, имам и пациенти кои превентивно го земаа по контакт со заразен. Немаат гушње, немаат несакани ефекти, истакнува докторката.

Прашавме за искуства од употребата на овој лек и на Клиниката за инфективни болести во Скопје од каде што ни кажаа дека Ивермектинот не го употребуваат и не е во нивните протоколи за лекување.

Минатиот месец, под притисок на јавноста Ивермектинот дојде во Македонија. Стручната комисија формирана од министерот за здравство изготви позитивно мислење за овој лек. Станува збор за лек кој се користи за многу вирусни, паразитни и бактериски заболувања. Списокот е долг, а на него се еболата, вирусот Зика и многу други паразити.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!