пцр тестови
Во земјите од соседството, а и во Македонија се прават и се продаваат лажни ПЦР-тестови, Фото: Архива

Цути бизнисот со лажните вакцинални сертификати и ПЦР-тестови

Лажните тестови веднаш паѓаат во очи, ако полицискиот службеник е концентриран, зашто имаат поинакви логоа на дијагностичките центри во кои наводно е правен тестот – велат полициски службеници.

Во земјите од соседството, а и во Македонија се прават и се продаваат лажни ПЦР-тестови, како и потврди за примена вакцина, кои ги користат лица што не се вакцинирани за влез во некои земји на ЕУ или за излез од Македонија. Фалсификати се продаваат по цена од 25 до 50 евра и на нив најчесто пишува дека пациентот е вакциниран со вакцината на „Фајзер“.

Полиција е во постојана потрага по фалсификаторите. Минатата недела комбинирани полициски екипи извршиле претреси на 11 локации во Скопје, Битола, Тетово и во Куманово и привеле седум лица под сомнение за продажба на лажни потврди за ПЦР-тестови. При претресите се одземени мобилни телефони, персонални компјутери, лаптопи, мемориски картички, 118 бланко договори, четири потврди за негативни ПЦР-тестови, печати, факсимили од австриски нотари и друга документација.

Пред два дена МВР поднесе кривични пријави против три лица од Русија, како и од Скопје и Куманово за приложување лажни тестови. Тие се товарат за дело „фалсификување исправа“. Пријавените на излез од државата на граничен премин „Табановце“ покажале фалсификувани негативни ПЦР-тестови.

Откриен е и случај каде што лажните тестови ги правело медицинско лице. Лекарот Е.М.(45) од гостиварско Чегране, вработен во гостиварската општа болница, се товари дека на две лица им изготвил лажни негативни ПЦР-тестови и им наплатил 4.500 денари. Пред еден месец 19 фалсификувани ПЦР-тестови открила полицијата при контрола на автобус што патувал од Македонија кон Германија. Било откриено дека фалсификуваните тестови се набавени од едно лице од Струмица, по цена од 1.000 денари по тест.

Лажните медицински документи најмногу ги купуваат македонски државјани што заминуваат на привремена работа во ЕУ.

– Најчесто ги користат на граничните премини и на меѓународниот аеродром. Лажните тестови веднаш паѓаат во очи ако полицискиот службеник е концентриран, зашто имаат поинакви логоа на дијагностичките центри во кои наводно е правен тестот. Се разликуваат и фонтовите, како и печатите на лекарот што наводно ги заверил. Исто така, различна е нијансата на хартијата на местото каде што е избришано името и презимето на пациентот и е заменето со ново – велат од полицијата.

На последната владина седница, Владата наложи ригорозна проверка на идентитетот на лицата што ги прикажуваат сертификатите за вакцинација при влез во објектите во кои тие се бараат.

Ни срам ни перде! Граѓани бараат лажни вакцинални сертификати на ,,Купи продај огласник”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот