
Црна Гора ја доби Шведска и ќе игра за осминафинале на Евробаскетот, Турција лесно против Естонија
Кошаркарската репрезентација на Црна Гора запиша важна победа на Европското првенство, откако во еден возбудлив натпревар ја совлада Шведска со резултат 87-81 и сега има јасна шанса за пласман во осминафиналето.
Препорачано
Избраниците на селекторот Божиќ го контролираа првото полувреме и на пауза заминаа со предност од 40-34, но Швеѓаните возвратија со одлична трета четвртина, правејќи целосен пресврт и поведоа со 65-64.
Сепак, последниот период повторно им припадна на Црногорците. Со цврста одбрана и подобра реализација, тие го вратија водството и успеаа да ја осигураат победата.
Најзабележителен поединец кај победничкиот тим беше Никола Вучевиќ, кој натпреварот го заврши со дабл-дабл учинок, 23 поени и 15 скокови. На другата страна, Пеле Ларсон блесна со 28 поени за Шведска, но тоа не беше доволно за неговата селекција да избегне пораз.
Во последното коло од групната фаза, Црна Гора ќе се соочи со Велика Британија, репрезентација која досега има најлош скор во групата. Со победа, Црногорците ќе го потврдат својот пласман меѓу најдобрите 16 во Европа.
Вториот натпревар кој се одигра нешто подоцна донесе сигурна победа на Турција над Естонија со 84:64. За Турците овој триумф е „загревање“ за дербито со Србија кое ги очекува во следниот натпревар.