Локални избори 2021 / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Членовите на избирачките одбори во Карпош со месеци ги чекаат хонорарите за локалните избори

Неколкумина граѓани ангажирани во избирачките одбори на територијата на Карпош, кои се обратија до нашата редакција, објаснуваат дека повеќепати се јавувале во Општината, но единствениот одговор што оттаму го добивале е дека наскоро ќе бидат исплатени.

Четири месеци по завршувањето на локалните избори, членовите на избирачките одбори во Општина Карпош се уште не ги добиле законски предвидените хонорари за својот ангажман. Од ДИК велат дека парите утре ќе бидат префрлени во Општината.

Неколкумина граѓани ангажирани во избирачките одбори на територијата на Карпош, кои се обратија до нашата редакција, објаснуваат дека повеќепати се јавувале во Општината, но единствениот одговор што оттаму го добивале е дека наскоро ќе бидат исплатени.

Наскоро, наскоро, и еве поминаа четири месеци. Неофицијално слушаме дека парите не се исплатени затоа што е блокирана сметката на Општината. Ангажирани бевме околу 700-800 луѓе, а висината на хонорарите е различна во зависност од бројот на гласачи на избирачкото место на кое сме биле ангажирани. Конкретно јас, треба да добијам 9.000 денари за двата круга, а бев во избирачкиот одбор на место 2627 – објаснува еден од членовите.

Од Општина Карпош, пак, велат дека средствата досега не се исплатени затоа што сѐ уште не се префрлени парите за таа намена.

Точно е дека сметката на Општината е блокирана. Таквата состојба беше наследена по стапувањето на функција на градоначалникот Стевчо Јакимовски и во повеќе наврати јавноста беше информирана за тоа. Но, за да се премости проблемот со блокираната сметка на Општина Карпош, заедно со уште девет други општини што се во иста ситуација, ДИК донесе одлука директно да ги префрли овие средства, кои, пак, треба да им бидат префрлени од Министерството за финансии – тврдат од Општина Карпош.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски вели дека утре парите ќе бидат префрлени во Општина Карпош и во други општини и дека тие потоа треба да им ги исплатат на членовите на избирачките одбори, без оглед на тоа дали им е сметката блокирана или не.

Парите за оваа намена одат на посебна сметка од Програмата 21 независно што им е блокирана општинската сметка. Во петокот добивме средства од Министерството за финансии, денеска донесовме одлука за исплата и утре парите ќе им се исплатат на општините – рече за „Слободен печат“ претседателот на ДИК.

На граѓаните што беа ангажирани во избирачките одбори на последните избори им останува, според најавите на ДИК,  да се надеваат дека деновиве парите ќе им „легнат“ на нивните сметки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот