
Членови на „Лајонес“ се жалат дека се измамени за милионски суми, тврдат дека имаат и докази
Педесетина македонски граѓани, кои биле дел од „Лајонес“ и фирмите-наследнички „Мајворлд“ и „Лајконет“, се жалат дека се измамени за огромни суми пари, кои според нив биле извлечени од луѓе од земјава преку пирамидална шема. Тие проценуваат дека со овој финансиски систем, луѓе се оштетени за неверојатни 150 милиони евра, а само членовите на нивната група останале без 800.000 евра. Тие сега се обединиле во група со назив „Анти-Лајонес лоби“ и случајот го пријавиле во Финансиската полиција и во други институции, од кои очекуваат реакција и истрага.
Препорачано
„Ние, поголема група на членови на Лајонес (Лајконет, Мајворлд) на овој начин сакаме да ја известиме јавноста, но и надлежните државни органи, за основани сомневања дека организирана група на Лајонес (Мајворлд) Маркетери, според наши сознанија, има извршено голем дел на нелегални и незаконски активности со кои истата група се има здобиено со голема материјална корист, а на штета на голем дел од нас „врбувани“ и измамени од групата Маркетери која на овој начин ја пријавуваме. Во сторувањата и несторувања на групата Маркетери предводена од лицето З.В. (Зоран Витанов, н.з.) според наше мислење, се содржани елементи на повеќе кривични дела, меѓу кои и измама, организиран криминал, мито и корупција, како и дела спротивни на Етик кодот на Мајворлд, кој во еден од своите членови не дозволува на Маркетерите ветувања за пасивен приход, нешто што сепак беше прекршено илјадници пати“, велат членовите на групата во отворено писмо.
„За бескрупулозноста на наведената група на маркетери имаме безброј докази, кои се сведуваат на изјави на оштетени и сведоци, потоа преку 150 часови снимен видео и аудио материјал, меѓу кои и конкретните ветувања и гаранции, поттикнување на посетителите на нивните наведувачки перформанси да продаваат станови, ниви, да земаат кредити и останати задолжувања и да ги вложат во ’нивниот бизнис’. Овој ’бизнис’ можеше вака да функционира бидејки беше смислен многу итро, па така постоењето на една лојална картичка за повеќе продавачи, што во принцип е позитивно, но нешто што понатаму е продолжено со смислување начин како преку т.н. проекти, на членовите на Лајонес/Мајворлд да им се земат дополнителни финансиски средства. Но, најголемата смислена мамка за идните членови беше вешто осмислениот систем на пренесување на информациите од човек на човек, што создаде ситуации најчесто ’бизнисот’ да биде пренесуван меѓу семејството или најблиски пријатели. Финансиските средства, чија уплата е ’обезбедена’ на овој начин, се уплатувани на Мајворлд Македонија и на Мајворлд Австрија, од каде пак се префрлани големи провизии на пријавените маркетери за лицата кои се намамени во оваа пирамидална шема“, велат од „Анти-Лајонес лоби“.
Според информациите на странски медиуми, платформата за користење „кешбек“ „Лајонес“ ја следат низа скандали и таа е целосно забранета во Италија и Норвешка, како нелегална пирамидална шема. Овие скандали најчесто вклучуваат измамени инвеститори и компанијата постојано се обидува да се ребрендира, но скандалите ја следат.
Гневот на оштетените корисници во земјава е насочен кон Зоран Витанов, кој беше главен експонент на „Лајонес“ во Македонија. Тие го обвинуваат Витанов дека им ветувал заработка на учесниците во шемата, но на крајот парите завршиле кај него и негови блиски луѓе.
„Обидувајќи се да ја избегне одговорноста, човекот кој се стекна со милиони евра, од кои голем дел се наши пари, сега се обидува да се спаси со неверојатна активност. Тој моментно од петни жили се обидува да се прикаже како жртва на Лајонес/Мајворлд, па со иста метода како и порано, ставајќи голем дел на членовите повторно во надеж дека истиот, кој најмалку десетина години нема исполнето ниту едно свое ветување, сега ќе им помогне да ги вратат парите од банкротираната фирма. Банкротирана бидејќи парите се прелеани во џебовите на З.В. и неговите ортаци. Сега човекот кој оперира петанесетина години бара од членовите на Лајонес да ја потпишат кривичната пријава заедно со него. Класична негова конструкција, бидејќи не смее да им дозволи доволно време да видат во каква негова новосмислена шема влегуваат. Со ваквиот начин на кој го прави ова самиот веќе ја признава сопствената вина и одговорност“, обвинуваат членовите на „Анти-лајонес лоби“.
Тие тврдат дека имаат „стотици докази, сведоци, видеоматеријали и документи“ со кои ќе го потврдат наведеното и ќе ги достават до надлежните институции.
„Исто така, бараме стручна арбитража за донесена пресуда на кумановскиот Основен суд која ќе ја доставиме, а во која според нас, но и доста адвокати и судии има белег на пресуда донесена во коруптивна постапка“, додаваат од групата.
Витанов, кој изминатите денови се објаснуваше со критичарите преку социјалните мрежи, подоцна избриша дел од објавите. Тој се жалеше дека бил цел на „невистини“ и „клевети“.
„Запомнете: 1) злобните и завидливите шират невистини, 2) будалите веруваат, а 3) најглупавите ги пренесуваат понатаму. Кога адвокати клеветат по социјални мрежи, наместо да го процесираат тоа што го зборуваат, кога новинари свесно шират лаги за вас, а не ви се јавиле да ве прашаат, јасно е дека СВЕСНО МАНИПУЛИРААТ, а вас ве обвинуваат за манипулација. КРАДЕЦОТ ВЕЛИ ДРЖТЕ ГО КРАДЕЦОТ! Дали сега ви е јасно зошто хигиената во општеството ни е таква, особено менталната?“, напиша Витанов на „Фејсбук“ во една објава која потоа ја избриша.