
Четири лица повредени во напади со автомобил и со нож во синагога во Манчестер, полицијата го застрелала осомничениот
Четири лица се повредени во напади со автомобил и со нож во синагога во областа Крампсал, во Манчестер, а напаѓачот е застрелан, јавува Би-би-си.
Препорачано
Полицијата на Манчестер потврди дека е на местото на настанот по пријавите за повеќекратни повреди.
Според „Телеграф“, полицијата наводно го застрелала напаѓачот.
„Реагираме на инцидент пред синагога на Мидлтон Роуд во Манчестер. Полицијата беше повикана во синагогата на хебрејската конгрегација Хитон Парк, на Мидлтон Роуд, Крампсал, во 9:31 часот наутро од страна на граѓанин кој пријавил дека видел автомобил како се движи кон луѓе и човек кој е избоден со нож. Во 9:34 часот наутро, полицајци со огнено оружје се испратени додека полицијата продолжува да добива пријави од граѓани дека еден обезбедувач е нападнат со нож. Главна полициска станица прогласи вонредна состојба според PLATO и сериозен инцидент во 9:37 часот наутро. Во 9:38 часот наутро, полицајци од полицијата пукале. Еден човек, за кој се верува дека е сторителот, бил застрелан“, соопшти полицијата.
Оттаму додаваат дека итната помош пристигнала на местото на настанот во 9:41 часот наутро и им помагаат на граѓаните, а четворица граѓани со повреди од ударот од автомобилот и со убодни рани се премесени со амбулантни возила.
Полицијата им препорача на граѓаните да ја избегнуваат областа додека полицијата продолжува да се справува со инцидентот.
Градоначалникот на Манчестер, Енди Бурнам, за Би-би-си изјави дека ова е „сериозен инцидент“, нагласувајќи дека сите служби се во состојба на зголемена готовност.
Полицијата продолжува да ги истражува околностите околу инцидентот, а областа останува блокирана.