Руски шпиони / Фото: - / Panthermedia / Profimedia

Чешка алармира: Русија ги користи мигрантите како алатка за дестабилизација на Европа

Русија регрутира мигранти од надвор од Европската Унија за да извршуваат злосторства, да шират страв и да ја поткопаат довербата во владата, соопшти чешката разузнавачка служба (БИС) во својот годишен извештај за 2024 година.

Според извештајот, Русија ја користи апликацијата Телеграм за регрутирање потенцијални агенти кои потоа снимаат воени бази и логистички центри за испорака на воена помош во Украина или палат пожари. БИС наведува дека овие дејствија, покрај нивната цел за собирање информации или предизвикување штета, имаат и психолошки ефект.

„Тие вклучуваат слабеење на кохезијата на западните општества, ширење страв и несигурност, поткопување на јавната доверба во способноста на државата да ги заштити своите граѓани и зголемување на притисокот за намалување на поддршката за Украина во нејзината одбрана од руската агресија“, се наведува во извештајот.

Во многу случаи, според документот на БИС, агентите дури и не се свесни дека работат за Русија бидејќи се ангажирани преку посредници.

Русите со години дејствуваат на чешка територија

Чешка Република со години е цел на руските разузнавачки операции, се вели во извештајот. Во 2021 година, таа протера 18 руски дипломати откако нејзината тајна служба презентираше докази дека Русија е одговорна за експлозијата во 2014 година во магацин за оружје во градот Врбетице, во која загинаа две лица.

Минатиот месец, чешки суд осуди колумбиски државјанин на осум години затвор за неуспешен обид за палење пожар на автобуска станица. Чешкиот премиер Петр Фиала претходно изјави дека нападот најверојатно го организирала Русија. БИС додаде дека спречила извршување на слични напади.

БИС, исто така, предупредува на ширењето на руското влијание преку руската православна црква во Чешка, која ја опишува како институција целосно лојална на Кремљ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот