Злато. / Архива на Слободен печат

Цената на златото скокна на 3.500 долари за унца!

„Citi Bank“ ја зголеми својата прогноза за цената на златото за следните три месеци од 3.300 долари на 3.500 долари за унца (31,1 грама), а очекуваниот опсег на тргување на 3.300-3.600 долари (претходно 3.100-3.500 долари), објаснувајќи дека перспективите за економски раст и инфлација во Соединетите Американски Држави се влошија на краток рок.

– Се очекува загриженоста за инфлацијата предизвикана од царините во САД да остане висока во текот на втората половина од 2025 година, што, заедно со слабеењето на доларот, ќе придонесе за умерен раст на цената на златото кон нови рекордни вредности – изјави банката, објави Ројтерс.

Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп воведе високи тарифи за увоз од десетици трговски партнери, вклучувајќи ги Канада, Бразил, Индија и Тајван. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир изјави дека овие тарифи веројатно ќе останат на сила и нема да бидат ублажени како дел од тековните преговори.

Доларот ослабе минатата недела откако бројот на вработени надвор од земјоделскиот сектор се зголеми за само 73.000 во јули, додека јуни беше ревидиран на само 14.000. Ова ги поттикна надежите дека американската централна банка би можела да ги намали каматните стапки во септември, при што пазарите сега предвидуваат 81 процент шанса тоа да се случи, според алатката FedWatch на CME.

„Citi Bank“, исто така, укажува на послабите податоци за вработеноста во САД во вториот квартал од 2025 година, како и на растечките загрижености за кредибилитетот на Федералните резерви и американската статистика. Покрај тоа, геополитичките ризици поврзани со конфликтот меѓу Русија и Украина остануваат високи.

Златото традиционално се смета за безбедно засолниште во време на политичка и економска нестабилност и обично бележи раст во услови на ниски каматни стапки. „Citi Bank“ проценува дека вкупната побарувачка за злато се зголемила за повеќе од една третина од средината на 2022 година, речиси двојно зголемувајќи ја цената до вториот квартал од 2025 година.

Растот на побарувачката беше поттикнат од силниот инвестициски интерес, умерените купувања од централните банки и стабилната побарувачка за златен накит и покрај повисоките цени, додаде банката. Цената на златото во понеделникот наутро беше 3.356,88 долари за унца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот