
Цената на златото достигна нов рекорд
Цената на златото достигна нов рекорд надминувајќи го нивото од април годинава. Спот цената во раните часови од азиското тргување скокна за 0,9 проценти на 3.508,70 долари за унца, пред да се стабилизира на 3.497 долари.
Препорачано
Растот на цените беше поттикнат од комбинација на фактори: послаб долар и очекувања дека Федералните резерви на САД наскоро ќе ги намалат каматните стапки, политичкиот притисок на претседателот Доналд Трамп врз лидерите на Федералните резерви и вклучително и обидот за отстранување на гувернерката Лиза Кук. Големо влијание на цената имаше и побарувачка од инвеститорите кои го гледаат златото како безбедно засолниште во време на економска неизвесност.
– Сè се вклопува во сценариото за континуиран раст на цените на златото – оценува Дејвид Вилсон, раководител на стратегии за стоки во BNP Paribas.
Големите приливи во ETF поврзани со злато дополнително го поддржуваат растот на цените. Според аналитичарите во Goldman Sachs, спот цената би можела да достигне 4.000 долари за унца до средината на 2026 година.
Златото стана клучна резервна актива за централните банки во последните години. Во текот на 2024 година, го престигна еврото и го зазеде второто место на глобалната резервна листа, веднаш зад американскиот долар, сочинувајќи 20% од вкупните светски девизни резерви.
Најголеми купувачи беа Кина, Индија, Турција и Полска, што го потврдува трендот на дедоларизација и потрагата по постабилни резерви, пишува SEEbiz.