1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Царовска не попушта: Нема порано на распуст, иако наставници се жалат дека има многу деца со корона, а лекари апелираат за онлајн настава

Има сериозна студија што ја објави „Дискавери“, според која хоспитализацијата кај повозрасните е намалена за 30 отсто, но кога е во прашање омикрон, кај децата под 18-годишна возраст е зголемена за 20 отсто. Тоа е сериозна бројка што треба сериозно да се разгледа за да ги заштитиме младите и да не препуштиме толку лесно вирусот и болеста да се шират, сметајќи дека младите лесно ќе поминат низ таа фаза и ќе се создаде имунитет. Онлајн настава е соодветно решение.

Ова е ставот на д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје, кој апелира да се воведе онлајн-настава за учениците, кои поради специфичноста на сојот омикрон на коронавирусот веќе се ризична група. Претходно, министерката за образование во заминување Мила Царовска рече дека зимскиот распуст нема да се поместува ниту да се продолжува, иако и други здравствени експерти алармираа навреме да се заострат епидемиолошките мерки поради опасноста од ширење на заразата со неговата најнова мутација.

Незадоволни се и наставници што работат под мошне отежнати околности поради ковид-протоколите. Тие се жалат дека е голем бројот на болни ученици.

„Да нѐ ставеа онлајн од 1 декември, немаше да дојде до ваква ситуација. Јас не можам благодарение на Царовска да ги држам прозорците отворени, затворивме и неколку деца веднаш се заразија со ковид. Неодговорни родители пуштаат болни деца од дома и вирусот се пренесува во училиштето“, ни изјави наставник од едно скопско училиште.

На социјалните мрежи реагираат и родители од иницијативата за поддршка на онлајн-наставата дека се дискриминирани учениците што секој ден мора во училници да учат со отворени прозорци во декември.

„Постојано се болни, може да ни донесат корона дома. Тие што одбрале онлајн настава поради безбедност на своето семејство не ги вклучуваат на часови, ги навредуваат, не им праќаат материјали и ги викаат за испрашување или за тест со физичко присуство“.

Царовска рече дека распустот ќе биде во редовниот термин според календарот на Министерството. Ако треба, заедно со Комисијата за заразни болести, МОН ќе одлучи дали да го помести распустот во случај состојбата со новозаразени драстично да се влоши.

– Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министерството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. МОН дневно од сите училишта собира податоци и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3 отсто, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти. Бројот на активни случаи со ковид-19 кај ученици со физичко присуство во училиштата никогаш не надминал 0,3 отсто. Ова укажува на стабилност на состојбата. Највисок интерес на децата во моментов е да бидат во училиште – изјави Царовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот