„Цар Фердинанд“ не доби дозвола, „Никола Вапцаров“ пред бришење

Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности не даде дозвола во Богданци да се регистрира бугарски културен клуб со назив „Цар Фердинанд“, а во Благоевград стаса судска одлука дека здружението што го отвори „Никола Вапцаров“ има цели што се спротивни на Уставот.

Негативна оцена доби барањето за регистрација на бугарски културен клуб во Богданци со назив „Цар Фердинанд“ од владиното советодавно тело за употреба на имиња на историски личности, а одлуката дали клубот ќе го носи тоа име или ќе мора да бара друго, ќе ја донесе Централниот регистар на Македонија. Советодавното тело завчера го одржа својот прв состанок, на кој одлучија дека нема да дадат позитивно мислење за употреба на името на бугарскиот цар Фердинанд, затоа што тој не е позитивна личност во македонската историја и за него нема позитивна перцепција меѓу македонските граѓани.

Следно во процедурата е ова мислење да биде доставено до Министерството за правда, а потоа и до Централен регистар. Од ова Министерство вчера ни изјавија дека сè уште кај нив уште не е стигнато негативното мислење од советодавното тело, а кога ќе пристигне, тие немаат надлежност да донесат одлука.

– Одлуката дали ќе се дозволи регистрацијата со тој назив е на Централниот регистар, а Министерството за правда само ќе го проследи до нив мислењето на советодавното тело – велат од Министерството за правда.

Ставот на Централниот регистар, пак, е дека барањето е во фаза на разгледување.

Претседателот на советодавното тело Бобан Петровски за медиумите објасни дека тројца членови на телото, по струка историчари, имале аргументи зошто овој бугарски лик не треба да биде официјализиран во Македонија.

– Оваа личност стои на чело на бугарската држава во 19 и 20 век и ја спроведува Бугарија во три војни кои за Македонија се со девастирачки карактер, кои за Македонците значат крвопролевања и разрушувања и сè уште има спомени во населението. Ценевме дека името на ваква личност ќе предизвика негативни чувства кај голем број Македонци – вели професорот Петровски.

Тој вели дека нивното советодавно мислење ќе биде доставено до Министерството за правда, кое потоа ќе се одлучува по него.

– Во тоа мислење има подетални образложенија за царот Фердинанд и неговата улога во периодот кога бил на цело на бугарската држава – вели Петровски.

Ова советодавно тело, Владата го формираше минатиот месец за да се спречи отворањето клубови со скандалозни и провокативни имиња, како што е случајот со бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис“ во Охрид, за кои беа организирани помали протести, но со голема доза револт на граѓаните. Битолскиот клуб беше опожарен брзо по отворањето, а на охридскиот му беше искршена таблата. Комисијата за борба против дискриминацијата, пак, донесе одлука дека со името на клубот „Ванчо Михалов“ е извршена дискриминација на Македонците, а Левица пред ОЈО Охрид побара да се забрани здружението „Цар Борис“.

Советодавното тело беше формирано како ад хок решение додека да се донесат измените на Законот за здруженија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи измените да важат ретроактивно, односно и веќе основаните здруженија да имаат обврска да ги променат имињата, на што владејачката СДСМ се согласи, но процедурата оди бавно.

Левица вчера со отворено писмо побара институциите на Европската Унија да го кажат својот став и да ги осудат дејствата на Бугарија за промовирање и поддршка на здруженија кои глорифицираат нацистички соработници.

„Имајќи ги предвид резолуциите на ОН како највисок орган во светската политика кои ја осудуваат секоја форма и појава на фашизам и нацизам, како и Резолуцијата за подемот на неофашистичкото насилство во Европа, што ја донесе Европскиот парламент во 2018 година од една страна, како и молкот и изјавите на претставници на Унијата што во изминатиов период активно учествуваат, го набљудуваат и го оценуваат односот помеѓу Бугарија и Македонија, бараме највисоките институции на ЕУ да го обелоденат својот став и јавно да ги осудат дејствата на Бугарија“, соопшти Левица.

Во меѓувреме, пак, во Бугарија продолжуваат активностите за згаснување на граѓанското здружение што во неделата го отвори клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград и според одлуката на тамошниот суд, здружението ќе биде избришано од регистарот. Според правосилната одлука, целите на Граѓанското здружение за заштита на основните индивидуални човечки права, кое е регистрирано во 2019 година, се спротивни на бугарските Устав и закони.

На страницата на бугарскиот централен регистар е наведено дека ова здружение има цели, меѓу другото, за заштита на правата на Македонците и на другите етнички малцинства во Бугарија, во согласност со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, а бугарскиот Устав не познава малцинства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот