Македонскиот бренд Cafe De Anatolia, што ја редефинира електронската музика, потпиша историски договор со „Сони“

Македонија е мала земја, но со големи приказни. Една од највлијателните и највозбудливи во последните години е таа на Cafe De Anatolia — македонски музички бренд кој успеа од локална визија да изгради глобално движење што денес го диктира пулсот на жанрот „Органик хаус“ (Organic House).

За само неколку години, брендот што го основаа фамилијата Илиеви (Зоран Илиев – татко, Моника Илиева – ќерка и Никола Илиев – син) прерасна во светски феномен, а денес зад нив стои и еден од најголемите играчи во индустријата: „Сони Мјузик Паблишинг“ (Sony Music Publishing).

За да разбереме колку е голема приказната: Cafe De Anatolia има неколку милиони следбеници на „Јутјуб“ (YouTube) на нивните канали, за кои добиле над 70 „Јутјуб“ награди за креатори (YouTube Creator Awards), додека нивната содржина веќе надмина 2 милијарди прегледи, се само дел од достигнувања кои ги прават најуспешниот електронски музички бренд од Македонија и Источна Европа во својата категорија.

Од семејна идеја до глобално движење

Концептот на Cafe De Anatolia постои уште од 2009 година, а во 2017 добил официјална форма. Она што започнало како семејна идеја — денес е најголемиот и најпродуктивниот издавач на жанрот „органик хаус“ (Organic House) во светот, со повеќе од 10.000 траки, 50 под-брендови и мрежа од над 4.000 уметници.

Идејата била едноставна, но визионерска: да се спојат етно корените, балканската душа и современата електронска продукција. Резултатот е нов жанр — „органик хаус“ (Organic House) — што денес важи за светски тренд, а Македонија е неговиот извор.

Историски договор со „Сони Мјузик Паблишинг“

Најновата потврда за глобалното влијание на македонскиот бренд дојде летово, кога Cafe De Anatolia потпиша историски договор за глобална администрација на издавачки права со „Сони Мјузик Паблишинг МЕНА“ (Sony Music Publishing MENA).

За првпат, македонски, а и источноевропски бренд влезе во овој ексклузивен круг. Вакви договори се реткост дури и за големите играчи во регионот, а уште помалку за независни брендови од Источна Европа.

„Welcome Home“ („Добредојдовте дома“) порача „Сони“ (Sony) на социјалните мрежи за новоостварената соработка со македонскиот бренд — симболична, но моќна порака која вели: местото на Cafe De Anatolia е на глобалната сцена.

„Ова е историски момент — не само за нас како основачи, туку и за цела Македонија и Источна Европа. Потпишувањето со ‘Сони’ (Sony) ја потврдува нашата посветеност да ги издигнеме уникатните културни звуци на глобалната сцена,“ велат Зоран Илиев (Billy Esteban), Моника Илиева (Monika Ilieva) и Никола Илиев (Nickarth / Rialians On Earth) од Cafe De Anatolia.

Фактот дека зад „Сони Мјузик Паблишинг“ (Sony Music Publishing) стојат музички легенди како „Битлси“ (The Beatles), Пол Сајмон (Paul Simon), Брус Спрингстин (Bruce Springsteen), „Квин“ (Queen), Бијонсе (Beyoncé), Ед Ширан (Ed Sheeran), Пинк (Pink), Фарел Вилијамс (Pharrell Williams), Ријана (Rihanna) и многу други, ја прави оваа соработка уште повпечатлива.

Cafe De Anatolia сега е дел од иста платформа со некои од највлијателните артисти и автори во историјата на модерната музика. За македонски бренд кој започнал како семејна идеја, ова не е само признание за нивното досегашно творештво, туку и отворена врата кон глобалниот елитен круг што ја обликува иднината на музиката.

Номинација за „Hype Label of the Year“ на „Битпорт“

Дополнителна потврда за глобалниот подем на Cafe De Anatolia е и нивната номинација за „Hype Label of the Year 2025“ на „Битпорт“ (Beatport) – престижна категорија што ги препознава најиновативните и најбрзорастечки издавачки куќи во електронската сцена. Ваквата номинација значи дека брендот не само што е препознаен од публиката и индустријата, туку и се позиционира меѓу водечките сили кои го обликуваат идниот звук на светската електронска музика.

Уште поважно, Cafe De Anatolia е првиот и единствен македонски бренд кој досега стигнал до вакво признание – уште едно историско достигнување кое ја зацврстува нивната улога како глобални трендсетери.

Дигитална империја: „Јутјуб“, „Спотифај“ и „Битпорт“

Ако денес на „Битпорт“ (Beatport) пребарате „органик хаус“ (Organic House), најчесто на врвот ќе ги најдете изданијата на Cafe De Anatolia.

Во 2024 тие беа прогласени за „Најпродаван артист и издавачка куќа“ (Top Selling Artist and Label) во категоријата. Со тоа, Македонија стана извор на еден од најбрзорастечките електронски поджанрови на светот.

Со милиони претпланици и 2 милијарди прегледи само на „Јутјуб“, Cafe De Anatolia ја изгради најголемата дигитална мрежа од регионот. На „Спотифај“ (Spotify), Cafe De Anatolia управува со најголемата глобална мрежа во жанровите „органик хаус“ (Organic House), „етник дип хаус“ (Ethnic Deep House) и „ориентал чил“ (Oriental Chill), со милиони месечни слушатели.

Ко-основачите Никола Илиев (Nickarth / Rialians On Earth) и Зоран Илиев ( Billy Esteban) денес се најстриманите македонски артисти во светот. Секој од нив има повеќе од 200.000 месечни слушатели и над еден милион прегледи,
што претставува историски успех за македонската музичка сцена на глобално ниво.

Од „Тајмс сквер“ до „Форбс“

Во 2023 година, Cafe De Anatolia стана првиот македонски и првиот источноевропски музички бренд промовиран на легендарниот „Тајмс сквер“ во Њујорк, а со тоа, македонски бренд се најде пред очите на милиони луѓе.

Дека семејната визија стана глобално движење, доказ е и тоа што Cafe De Anatolia се препознаени и од „Форбс“ (Forbes), „Ентрепренер“ (Entrepreneur) и „Билборд“ (Billboard), па во 2022, 2023 и 2024 година Моника и Никола беа поканети ексклузивно во „Форбс бизнис совет“ (Forbes Business Council), каде се најдоа на иста маса со најмладите иноватори во светот.

Партнерства надвор од музиката

Уникатниот звук на Cafe De Anatolia одамна ги надмина границите на клубовите и фестивалите.

Меѓународни брендови како „Џорџо Армани“ (Giorgio Armani), „Даблју хотeлс“ (W Hotels), „Радисон Блу“ (Radisson Blu), „Фор сизонс“ (Four Seasons), „Го Туркије“ (Go Türkiye) и „Халк банка“ (Halk Bank) ги избраа како музички партнери.

Дополнително, тие го креираа проектот „Cafe De Anatolia Experience“ („Cafe De Anatolia – Доживување“) — мултисензорно искуство, кое вклучува музика, храна и бренд-мерч, а лансираа и свои вина.

Илиеви преку Cafe De Anatolia го обликуваат идниот развој на жанрот и оставаат траен печат врз глобалната музичка индустрија.

Очекувајте повеќе за неверојатната приказна на Илиеви, наскоро на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!