Фото: Вечер

„Булмак“ и натаму тврди дека не ја загадил Крива Река, наспроти цијанидот во анализите и казната од државата

„На денот на случувањето – истек на јамска вода во Крива Река, овластени лица од компанијата веднаш пријавија до надлежните институции за навремено и соодветно да постапат согласно пропишаните правила и протоколи“, велат од компанијата „Булмак“, која стопанисува со рудникот „Тораница“, пренесува „МКД.мк“.

Компанијата денеска беше казнета со 200.000 евра, максималната пропишана казна за таков пропуст, откако пукната цевка во рудникот на 14 март предизвика излив на технолошка вода од „Тораница“. Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) тогаш не зеде примероци од водата за анализа, а во официјалното соопштение практично ја прифати верзијата на „Булмак“ – дека во истечената вода немало опасни хемикалии.

По реакциите на жителите на општините Крива Паланка и Ранковце, кои пријавија еколошка катастрофа и енормно загадување на реката, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, ангажираше независна референтна лабораторија, која утврди многукратно зголемени концентрации на арсен, цијанид и олово во водата во време на хаваријата. Дури откако ова беше објавено, ДИЖС денеска соопшти дека ја казнува фирмата, а градоначалникот Митовски побара кривична одговорност од „Булмак“ за еколошката катастрофа.

Но, наспроти оваа анализа, „Булмак“ попладнево во соопштение до јавноста продолжува да тврди дека водата која истекла од пукнатата цевка не содржела никакви опасни хемикалии, иако во регионот не постои никој друг освен рудникот, што може да ја загади водата со конкретните хемикалии во утврдени концентрации.

„Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од флотацијата на рудник “Тораница“. Редовно и во континуитет, уште од самото преземање на работата на рудникот „Тораница“, вршиме технички прегледи и одржување на опремата, инсталациите и сите технолошки системи, вклучително и чистење на таложникот за отпадна јамска вода, за кои согласно а-интегрираната еколошка дозвола, соодветно го известуваме Државниот инспекторат за животна средина, велат меѓу другото од компанијата.

Оттаму изразуваат и сомнеж дека воопшто се случила еколошка катастрофа.

„Апелираме да не се шпекулира и лицитира со неточни информации и инсинуации, со што ќе се спречи создавање на лажна слика поврзана со овој случај кај јавноста. Дополнително, бараме сите надлежни органи и институции да постапат во правец на изнаоѓање на вистинските причинители на еколошка катастрофа, доколку се утврди дека таа навистина постои“, вечат од „Булмак 2016“.

На случувањата реагираше и граѓанската „О2 иницијатива“, од каде велат дека од „свиркач“ добиле информации дека цевката пукнала поради зголемен обем на работа, поради тоа што фирмата не водела сметка за стабилноста на објектите како таложници, цевки, јаловишна брана, надвисување јаловишната брана без дозвола. Според изворот, велат од „О2“, едниот инспектор на ДИЖС кој вршел увид на терен е бивш вработен на „Булмак 2016“, а сопругата на другиот работела во фирмата.

Компанијата која стопанисува со рудникот Тораница, „Булмак 2016“, инаку, е во сопственост на бугарската фирма „Минстрој“ на бизнисменот Николај Валканов, поранешен потпретседател на контроверзната „Мултигруп“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот