Амбасадорот на Бугарија во Македонија, Желјаско Радуков/Фото: ПРСМ

Бугарскиот амбасадор Радуков е изненаден од укорот во нашето МНР, Софија сега реагира на речникот на Мицкоски

Бугарскиот амбасадор во земјава, Желјаско Радуков, изразил изненадување по повод неговото повикување на разговор во македонското МНР денеска, по повод изјавите на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, дадени во утринска емисија денеска.

Според бугарското МНР, Радуков бил изненаден „особено во услови на серија непријателски пораки и дејствија што во изминатите месеци доаѓаат од претставници на владата во Скопје“. Бугарскиот дипломат, според Софија, јасно нагласил дека „во јавниот простор официјалните власти на Република Северна Македонија систематски и намерно демонстрираат непочитување кон нашата земја“.

„За време на средбата, бугарскиот амбасадор ја изрази и сериозната загриженост на Бугарија поради низа остри, манипулативни и често навредливи изјави од високи претставници на власта во РСМ, насочени како кон нашата земја, така и кон ЕУ. Особено е неприфатливо земја што систематски пружа реална и несебична помош да биде нарекувана „непријателска држава“ – вклучително и во моментот кога бугарски пожарникари пружаат асистенција на Република Северна Македонија во Крива Паланка во врска со пожарите што таму избија“, пишува во соопштението.

Во него се додава дека Бугарија реагира на одговорот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на изјавите на Георгиев, во кој тој рече дека „тоа е исто како кога глушец го задева лавот“.

Мицкоски реагираше на изјавите на Георгиев, кој во текот на интервјуто постојано го нарекуваше македонскиот премиер „северномакедонски“.

„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија најостро го осудува неприфатливиот и навредлив речник што г. Христијан Мицкоски го упати кон бугарски официјален претставник – во овој случај министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Таквите изјави се неспоиви со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство за кои Република Северна Македонија јавно тврди дека ги споделува, а во пракса грубо ги потценува. Континуираната употреба на вулгарни квалификации за претставници на бугарската држава не само што го поткопува и онака кревкото доверие меѓу двете страни, туку ја доведува под прашање и автентичната определба на политичкото раководство во Скопје кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и кон декларираната желба за приклучување кон Европската Унија – процес што подразбира заемно почитување, одговорност и политичка зрелост“, велат од бугарското МНР.

„Бугарија нема да толерира говор на омраза, лични напади и намерно поткопување на односите меѓу двете земји. Таквите изјави на официјалните власти во Република Северна Македонија создаваат клима на непријателство и не ја демонстрираат политичката волја за враќање кон нормален, почитувачки и конструктивен разговор“, се додава во официјалната реакција на Софија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот