Бојан Христовски

Бугарски „Фактор“: Новиот шеф на македонската тајна служба е со фиктивна диплома за англиски јазик од Пловдив

Новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, ја презел функцијата со фиктивна диплома за англиски јазик од Пловдив, пишува бугарски „Фактор“.

Во телефонски разговор, лицето кое одговорило на бројот објавен во брошурата посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање на таков сертификат, пишува „Фактор.бг“.

„Проверката на Интернет покажува дека нема официјална веб-страница или друга реклама на јазичното училиште ’Julia Co.LTD’, како што тврди Христовски. Пронајдена е само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација. Сепак, во огласениот флаер на компанијата никаде не се споменува дека обезбедува обука и курсеви за странски јазици, како и подготовка или спроведување на тестови за ТОЕФЛ“, пишува „Фактор.бг“.

Од овие проверки недвосмислено е јасно дека шефот на македонското контраразузнавање приложил лажен документ со неточна содржина за да стане директор на АНБ, а претходно со таков документ се легитимирал на факултетот за безбедност.

Бојан Христовски веројатно не само што нема меѓународно признат сертификат за познавање англиски за да биде директор, туку сторил и кривично дело според Кривичниот законик на Северна Македонија. Сличен е случајот и со друг граѓанин на соседот. На 26.04.2024 година, полицијата од Велес поднесла кривична пријава против лицето М.В. од Велес за сторено кривично дело – „употреба на исправа со невистинита содржина“. Излегува дека исто така се здобил со меѓународно признат сертификат за познавање на англискиот јазик, повторно издаден од јазично училиште во Пловдив, Бугарија“.

Случајот со Христовски покренува и еден куп други прашања: Не е јасно зошто директорот на АНБ решил да добие меѓународен сертификат за англиски јазик токму од Бугарија, бидејќи вакви сертифицирани центри функционираат во Северна Македонија – во Скопје, Тетово, а порано дејствувал и во Битола. Оправдан ли е сомнежот дека имал сериозна загриженост дека не може легално да добие таков сертификат во својата земја и затоа прибегнал кон опцијата да добие таков документ незаконски, но од Бугарија?

Аферата со сомнителната диплома за англиски јазик на Бојан Христовски е удар не само за авторитетот на службата АНБ, туку и за авторитетот на владата во Северна Македонија и за премиерот Христијан Мицкоски, кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Познато е дека Христовски е исклучително близок со Мицкоски, кој долго време се позиционираше како еден од најголемите противници на Бугарија и на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Вицепремиерот Александар Николоски дури ги нарече Бугарите нецивилизирани, но тука се поставува легитимното прашање, зошто тогаш бараат сертификати и дипломи од таков нецивилизиран народ како Бугарите? Мицкоски и ДПМНЕ сè уште одбиваат да ги вклучат Бугарите во Уставот и го блокираат евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Во исто време постојано излегуваат скандалозни факти за најблиските до премиерот дека со години имаат бугарско државјанство, фирми и бизниси кај нас. Сега ќе се прослават со незаконски дипломи, со кои високи владини функционери го легитимираат своето присуство на власт.

Но, сето ова изгледа е во духот на политиката што со години ја наметнува ВМРО-ДПМНЕ – лажна историја, лажни споменици, лажни европски интеграции, а сега и лажни дипломи од омразената Бугарија, заклучува бугарски Фактор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот