
Бугарија се откажува од рускиот гас
Бугарија ќе го прекине транзитот на руски гас за краткорочни договори во 2026 година, како дел од планот на Европската унија за целосно запирање на увозот на руски гас, изјави премиерот Росен Жељазков за бугарската новинска агенција БТА.
Препорачано
Европската Унија првично планираше да го прекине увозот на руски гас до крајот на 2027 година, со што ќе се прекинат децениските енергетски односи со земјата што некогаш беше најголем снабдувач на гас во Европа, пренесува Б92.
Сепак, минатата недела, претставници на ЕУ изјавија дека Унијата преговара за да најде законски начин да го помести тој рок за една година.
Предлогот за санкции на ЕУ сè уште бара едногласна поддршка од сите земји-членки. Унгарија и Словачка ветија дека ќе се спротивстават на новите санкции врз руската енергија.
„Како членка на ЕУ, ќе се придружиме на одлуката за суспендирање на договорите за користење или транзит на руски природен гас во 2026 година на краток рок, а на долг рок до 2028 година“, рече Жељажков во среда, објави БТА.
Бугарскиот министер за енергетика Жечо Станков изјави дека суспензијата на увозот на руски гас „ѝ дава на Бугарија огромен потенцијал да стане главен транзитен центар за природен гас од терминалите за течен природен гас во САД“.
„Имаме две потврдени испораки за ноември и декември, кои ќе бидат наменети за потрошувачка на бугарските граѓани и економијата, а доаѓаат од терминалите за течен природен гас во САД“, рече тој.
Бугарија, членка на Европската Унија, која до 2022 година беше целосно зависна од рускиот гас, се обидува да ги диверзифицира своите извори на снабдување со гас и да најде поевтини алтернативи.
Рускиот гас е заменет со азербејџански гас и течен природен гас од терминал во Грција.