Ковачевски и Петков во февруари 2022 година / Фото: Влада на РСМ

Бугарија почна да трпи штета од ветото?

Зборувајќи за протерувањето 11 руски дипломати од Бугарија во рок од една недела, Бориславова рече дека тие дипломати имале конкретни задачи да работат на дестабилизирањето на односите на Бугарија со нејзините западни соседи, вклучително и Македонија

Не е некоја тајна дека Русија има и врши влијанија во Бугарија, како и дека на Москва не ѝ одговара интеграција на Македонија и на целиот Западен Балкан во ЕУ, но не може да се тврди дека Русија е единствената странска земја што стои зад бугарското вето, го коментираат аналитичарите најновиот развој меѓу Софија и Скопје, каде што деновиве се гради наратив дека нивните лоши односи се „руско масло“. Последна на темата говореше Лена Бориславова, шефица на кабинетот на бугарскиот премиер Кирил Петков, која рече дека постои руски интерес Бугарија и Македонија да немаат добрососедство, а Западен Балкан да не е стабилна географска област со слободно движење на луѓе и капитал и разбирање меѓу народите. Зборувајќи за протерувањето на 11 руски дипломати од Бугарија во рок од една недела, Бориславова рече дека тие дипломати имале конкретни задачи да работат на дестабилизирањето на односите на Бугарија со нејзините западни соседи, вклучително и Македонија.

Русија работи против европското единство

Според аналитичарите, станува збор за комбинација од фактори, затоа што на Русија повеќе ѝ одговара расцепкана отколку обединета Европа и работи на тоа. Од друга страна, на бугарската влада ѝ одговара да го искористи моментот и евентуалното тргање на блокадата во јуни пред домашната јавност да го претстави како „антируски“ политички чин. Според политикологот Петар Арсовски, не е некоја голема вест дека Русија сака Балканот да остане надвор од ЕУ затоа што со помалку хомогенизирана Европа полесно се разговара.

– Да не забораваме дека имаше истрага против 21 лице од партијата на Красимир Каракачанов од претходната бугарска влада за соработка со странски служби. Не беше спомената Русија, но претпоставуваме дека е таа. И ние имавме тројца протерани руски дипломати пред војната во Украина и пред воопшто да почне да се гради овој наратив за Русија како заеднички непријател. Сосема е реално дека Русија работи против тоа Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, а од друга страна Софија и Скопје на сметка на тоа градат позиции пред своите јавности во очекување да биде тргнато ветото во јуни – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој додава дека како што ќе се наближува времето до јуни, кај нас состојбата ќе се релаксира и ќе се гради наратив „да помине уште ова за да влеземе во ЕУ“, а во Софија ќе се затегнува затоа што повеќе ќе нема со што да нè задржуваат откако ќе биде постигнат новиот сеопфатен договор. Арсовски смета дека таков нов договор е неопходен за да се заштитат и двете влади и да нема повеќе блокади, а токму потребата од него ја прави европерспективата во јуни сè уште неизвесна.

– На двете држави им одговара да имаат договор пред јуни и мислам дека се оди кон тоа да се постигне. Без договор нема да се тргне ветото, а дополнително, и ако двете влади го постигнат, сепак треба да помине и во двата парламенти, особено што ВМРО-ДПМНЕ најави дека ако се вратат на власт ќе го поништат доколку е се согласуваат со него – вели Арсовски.

Аналитичарот Александар Кржаловски, пак, вели дека се значително преувеличени обвинувањата кон Русија дека го спречува нашиот пат кон ЕУ и НАТО.

– Не дека не ѝ одговара на Русија да не сме членки, но тоа повеќе се однесува на НАТО отколку на ЕУ, така што е релативно беспредметно да се користи тој аргумент. Исто така, не е исклучено дека актуелното „кочење“ од Бугарија е  под дејство на руски интереси кај нив, но многу повеќе причините за нашиот застој во овие 17 години треба да се гледаат на Запад. Имено, најмногу во трите членки на ЕУ кои тоа веќе и експлицитно го потврдија со вето на одлуката за започнување преговори, Грција, Франција и Бугарија, а не би исклучил дека некоја друга членка премолчено го поддржува ова што сега го прави Бугарија – вели Арсовски.

Ковачевски: Уставот ќе се смени до 2024 година

Познато е дека едно од главните барања на Софија е Бугарите да се вметнат како малцинство во македонскиот Устав, а премиерот Димитар Ковачевски деновиве навести дека тоа може да се случи до отворањето на првиот преговарачки кластер, што се очекува на една и пол до две години по одржувањето на Првата меѓувладина конференција со која ќе се отвори преговарачкиот процес. Услов од наша страна е чисто решение за македонскиот јазик во Преговарачката рамка што треба да се усогласи во Европската комисија.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи на последниот брифинг рече дека разговараат со Бугарија уставните измени кај нас да се случат во текот или пред крај на преговорите.

Големиот „напредок“ не бил напредок

Во врска со разговорите на Мешовитата историска комисија, која минатата недела одржа нова средба, без напредок, Османи рече дека уште во 2019 година е постигнат договор заеднички да се чествуваат македонските херои од средниот век, а главна тема на разговор е како договореното да се предава во училиштата.

– Решено е прашањето за заедничко чествување на цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски. Овие договори не се објавени, бидејќи чекавме во овој процес на заокружување на политичките прашања да најдеме начин кога и како ќе се објават текстовите, но членовите на Историската комисија од наша страна стојат во одбрана на тоа што го потпишале и го одобриле како текст. Во моментов се зборува дали тие содржини ќе се препорачаат на училиштата за учебниците и оставам Комисијата да ги објасни тие детали – додаде Османи.

Минатата недела бугарскиот премиер Петков рече дека е направен огромен напредок во работата на Историската комисија, а копретседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев потврди дека Комисијата почнала да работи во значително попозитивна и поконструктивна атмосфера од претходно што дава надеж за договор. Но, по последниот состанок копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров рече дека нема значаен напредок, само еден оптимистички чекор напред и тоа на претходната средба, а на последниот состанок се оладил ентузијазмот.

– Нашата прва средба оваа година во Софија се совпадна со првите два дена од руската агресија против Украина и не беше толку јасно што постигнавме, но не беше многу импресивна. Позиција до која дојдовме по неколку мачни години е препорака како времето на цар Самуил и неговата земја да се одрази во учебниците на РСМ. Акцентот е на фактот дека тие мора да го земат предвид доминантното гледиште во светските средновековни студии. Ова доминантно гледиште се поклопува со нашето бугарско толкување на ова историско време. Сепак, ова не значи ништо. Ова е само предлог до Владата, а кога ќе се спроведе, никој не може да каже. Станува збор за несогледлива иднина, може да се две-три, но и десет години – изјави Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот