
Буџетот, а не придонесите го полнат пензискиот систем – Септемвриското покачување на пензиите нема да биде линеарно
Ѓоко Велковски, заменик-министер за труд, социјална политика и млади, вели дека веќе не може да си играме со пензискиот систем со импровизирани и моментални одлуки, оти еден вработен сега издржува 1,5 пензионери
Нема да има ново линеарно зголемување на пензиите, бидејќи не можеме да си играме со пензискиот систем, порача Ѓоко Велковски, заменик-министер за труд, социјална политика и млади, на трибина во Кочани. Според него, пензискиот систем не можел да се решава преку импровизирани и моментални одлуки, а линеарното зголемување од 5.000 денари што беше направено во првите девет месеци на годинава било „со цел да се подобри состојбата на сите пензионери“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Велковски рече дека линеарното зголемување од 5.000 денари не било импровизација, туку внимателна и свесна мерка, истовремено признавајќи дека тоа зголемување ги опфатило и оние со најниска, но и оние со највисока пензија, без никаква разлика.
– Она што го направивме во првите девет месеци со линеарното покачувањето од пет илјади денари, беше со цел да се подобри состојбата на сите пензионери. Треба да се промени цел еден систем, бидејќи во моментот односот вработени – пензионери веќе не е 2:1, туку е 1:1,5, дури ни толку. Не можеме да си играме со пензискиот систем. Не можеме да дозволиме наши граѓани да останат без примања во пензионерските денови – објаснил Велковски одговарајќи на прашање од граѓаните дали се планира во септември ново линеарно зголемување на пензиите.
Велковски најави и дека е формирано владино тело од стручни лица што работат токму на промените во пензискиот систем.
– Не може ден за ден да се решава, не можеме сега, во јули, набрзина да донесеме одлука што да се прави во септември, па да направиме штета на голем дел од вас. Сепак, односот помеѓу најниската и највисоката пензија веќе не 1:7, туку е 1:4 откако го реализиравме претходно ветеното линеарно покачување од 5.000 денари – додаде Велковски.
Како што веќе пишуваше „Слободен печат“ од Сојузот на здруженија на пензионерите (СЗПМ), бараат основата за наредното предвидено усогласување на пензиите во септември, да биде пензијата што беше линеарно зголемена за 5.000 денари (септември 2024 и март 2025 година по 2.500 денари). Според претседателката на СЗПМ, Станка Трајкова, според регулативата утврдена со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, веќе е утврдено дека пензиите ќе се усогласуваат на 1 септември годинава.
Претходно министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека во септември, на еден месец пред локалните избори закажани за октомври, ќе има ново зголемување на пензиите. Таа додаде дека сè уште не е одлучено дали тоа ќе биде линеарно, со фиксна сума за сите пензионери, или ќе биде изразено во процент од пензијата што ја прима секој од нив. Презентирајќи го предлогот за ребаланс на Буџетот, Кочоска рече дека вкупниот трансфер од државниот буџет до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување годинава ќе биде околу 50 милијарди денари (околу 800 милиони евра).
Од СЗПМ, пак, се децидни дека нивното барање е зголемувањето на пензиите да се дава за 12 месеци и да не им се кратат 4 месеци, беше преточено во амандман на членот 37 од Законот за измени и дополнувања на Законот за ПИО, кој пратениците не го прифатија во март годинава.
– Повеќе од две години бараме правото на усогласување на пензиите да се врши од 1 јануари и од 1 јули секоја година, бидејќи така ќе се исправи една неправда кон пензионерите. Со измените на членот 37 од Законот за ПИО е утврдено дека усогласувањето ќе се врши на 1 март и на 1 септември, според податоците од Државниот завод за статистика. На тој начин се кратат 4 месеци (јануари и февруари, јули и август), што влијае врз материјалната сигурност на повозрасните граѓани. Ова право тие го користеа до 2019 година и неосновани се аргументите дека пензиите треба да се усогласуваат од 1 март и 1 септември заради добивање податоци од Републичкиот завод за статистика, затоа што усогласувањето може да се исплати како разлика и тоа право им следува на 340.000 пензионери – додаде Трајкова.