
Британија во „војната“ со Роман Абрамович околу 3-те милијарди на Челси
Британската влада соопшти дека е подготвена да преземе правни мерки против поранешниот сопственик на Челси, Роман Абрамович, за да се осигури дека 2,5 милијарди фунти од продажбата на клубот ќе одат во хуманитарна помош во Украина.
Препорачано
Средствата од продажбата се замрзнати на банкарска сметка во Велика Британија од 2022 година, кога рускиот олигарх беше ставен под санкции по руската инвазија на Украина.
Владата на Велика Британија инсистира дека парите треба да се користат исклучиво за поддршка на оние што страдаат во Украина. Сепак, самиот Абрамович ја изрази својата намера парите да бидат доделени на „сите жртви на војната во Украина“, вклучувајќи ги и руските граѓани.
Во заедничка изјава, министерката за финансии Рејчел Ривс и министерот за надворешни работи Дејвид Лами рекоа: „Иако вратата за преговори останува отворена, ние сме целосно подготвени да преземеме правни мерки доколку е потребно“. Тие истакнаа дека приоритет на владата е „да се осигури дека луѓето што страдаат во Украина ќе имаат корист од овие приходи што е можно поскоро“.
„Владата е решена приходите од продажбата на Челси да одат во хуманитарни цели во Украина, по нелегалната инвазија на Русија. Длабоко сме разочарани што досега не беше можно да се постигне договор со г-дин Абрамович“, се додава во соопштението.
Во срцето на одложувањето е правен спор меѓу британската влада и правните застапници на рускиот милијардер. Абрамович, кој го стекнал своето богатство со нафта и гас, добил посебна дозвола да продолжи со продажбата на Челси, под услов да нема лична корист од процесот.
И покрај санкциите, парите од продажбата сè уште законски му припаѓаат нему, но тој нема право на пристап до нив. Кога ја објави својата намера да го продаде клубот, тој рече дека приходите ќе бидат распределени преку фондација „за поддршка на сите жртви на војната во Украина“, формулација што ја вклучува и руската страна.
Овој став предизвика силни реакции во Обединетото Кралство. Комитет на Домот на лордовите веќе минатата година истакна дека е „несфатливо“ како ветувањето на Абрамович сè уште не е исполнето, а парите остануваат блокирани.
„Ќор-сокакот ги разоткрива и г-дин Абрамович и владата, кои требаше да бараат пообврзувачки договор“, се забележува во извештајот на комитетот.