
Британија: Успешен пилот-проект за четиридневна работна недела, сите задоволни
Шестмесечниот пробен период, кој започна минатиот ноември, вклучуваше вкупно 17 компании и речиси 1.000 вработени.
Препорачано
Пилот-проект со четиридневна работна недела во Велика Британија е завршен со 100% стапка на успех, бидејќи сите компании учеснички објавија дека ќе го имплементираат трајно.
Шестмесечниот тест-период, кој започна минатиот ноември, вклучуваше 17 компании и речиси 1.000 вработени, а беше организирано од „Фондацијата 4-дневна недела“.
Сите 17 компании сега се обврзаа да ја продолжат четиридневната работа по пилот-фазата. Извештајот за иницијативата истакна дека организациите беа во можност да ги одржат услугите и клучните индикатори за перформанси во текот на пробниот период.
Ова покажа дека продуктивноста не е засегната и покрај намалувањето на работните денови.
Всушност, како што е наведено во статија на „Индепендент“, пилот-програмата донесе значителни придобивки за благосостојбата на вработените. Речиси две третини од нив забележаа намалување на фреквенцијата со која доживеале прегорување, додека двајца од петмина забележаа подобрување на нивното ментално здравје.
Дополнително, речиси половина од учесниците изјавиле дека се чувствуваат позадоволни од својот живот.
Според Џои Рајл, менаџер на кампањата на Фондацијата „4-дневна работна недела“ резултатите од кампањата се повеќе од задоволителни.
– Со поголемо знаење, експертиза и искуство за тоа што е потребно за успешно спроведување на четиридневна работна недела, навистина сме задоволни што гледаме толку висока стапка на успех. Луѓето се посреќни, бизнисите напредуваат и нема враќање назад. Го докажавме тоа повеќепати: четиридневната работна недела функционира, а сега треба да се воведе пошироко низ целата економија – рече Рајл.