
Божиновска ѝ одговори на Јотова: Ниту еден граѓанин на Македонија што добил бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин
Реагирајќи на изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која рече дека лично ги видела „документите на Божиновска во кои таа изјавува дека има бугарска самосвест“, министерката за енергетика на социјалните мрежи објави дека „ниту еден граѓанин на Македонија“ нема потпишано изјава дека се чувствува како Бугарин туку дека тоа го правеле бугарски адвокати. Во објавата, сепак, Божиновска не кажува дали така постапила и таа лично.
Препорачано
„Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век. Ниту еден граѓанин на Македонија што добил бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин“, напиша министерката за енергетика Сања Божиновска на Фејсбук како одговор на денешната изјава на Јотова. Божиновска додава дека изјавите за бугарска самосвест, кои се основа за да се побара и за да се добие државјанство на Бугарија, ги потпишувале адвокати-посредници, кои за тоа наплаќале пари.
Случајно или не, Божиновска не искористи и лична заменка во прво лице еднина со кое недвосмислено би декларирала дека и таа постапила така кога барала, а потоа и добила, бугарско државјанство, пишува „360 степени“.
Бугарското државјанство на Божиновска стана тема веднаш по нејзинот избор за министерка бидејќи откривме дека со бугарски пасош водела фирма во Хрватска, а не го декларираше во својата биографија. Бугарската агенција БГНЕС објави серија текстови во кои се вели дека не само Сања Божиновска, туку и целото нејзино најблиско семејство, и во овој момент се државјани на Бугарија. Божиновска тврдеше дека се откажала од државјанството и дека сето тоа се случувало „одамна“, но според БГНЕС, кој во сите текстови се повикува на извори во Бугарското министерство за правда, таа го поднела барањето за отпуст од бугарското државјанство минатиот месец.