
ФОТО+ВИДЕО | „Борба“ за спас на Преспа од диви депонии и ѓубришта
Освен тековниот, кабастиот и отпадот од пестициди, поради долгогодишното неработење на познатата Компостарница, преспанци немајќи каде да го исфрлаат органскиот отпад од расипани и скапани јаболка, тие започнаа ова овошје да го фрлаат на местата наменети за картоните од пестициди, во контејнерите, но и во градската депонија во близина на селото Златари, која од неодамна е бесплатна за користење на граѓаните, но е под европските стандарди.
Преспанскиот регион во последната деценија води „битки“ на неколку фронта, како зачувување и одржување на производството на јаболка, активното намалување на водостојот на Преспанското Езеро и, за жал, сè почестото никнување диви депонии на десетици локации.
Препорачано
ФОТО: Започна големиот еко-проект „Преспа разбуди се за чиста средина“
Изобилието на овоштарници со јаболка, кои се чинат бескрајни, широкиот хоризонт исполнет со зеленила, планини, реки, овошни насади и патишта што водат до многубројните плажи на Преспанското Езеро се магијата на овој регион и едната страна на реалноста, која за жал е нападната од повеќе опасности, меѓу кои се вбројува и несовесното депонирање на секаков тип отпад што низ годините резултирало со формирање 38 диви депонии од различен обем каде што граѓаните секојдневно го депонираат својот отпад.

Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ при Општина Ресен е институцијата одговорна за чистење и собирање на отпадот што ги узурпира зелените површини низ Преспа. ЈКП „Пролетер“ целосно ја покрива популацијата во Ресен, но нивното присуство е значително намалено во околните села, каде што ги опфаќа само 61 процент од жителите, кои поради отсуството на комунална служба и соодветно делегирано место за депонирање отпад, тие ѓубрето го фрлаат на неконтролирани и апсолутно диви депонии.
Комуналниот отпад во Општина Ресен изнесува околу 3.800 тони годишно, а тука влегува отпадот од домаќинствата, од одржување јавна хигиена, паркови, деловни субјекти и индустриското производство.
Поставени се контејнери
Првично, од Општината информираа дека на повеќе локации поставиле контејнери означени за исфрлање на отпадниот материјал од пестицидите со кои се прскаат јаболката, кои граѓаните ги искористиле како нова можност и шанса да се ослободат од секаквиот тип отпад со кој располагаат, постапка со која ги преполниле означените места со нерегулиран отпад, чие депонирање треба да се врши на други предвидени локации, а поради фактот дека Општината располага само со три инспектори, невозможно е да се регулираат сите локации во регионот, а со тоа ретки се и санкциите за несовесните граѓани.
Освен тековниот, кабастиот и отпадот од пестициди, поради долгогодишното неработење на познатата Компостарница, преспанци немајќи каде да го исфрлаат органскиот отпад од расипани и скапани јаболка, тие започнале ова ѓубре да го фрлаат на местата наменети за картоните од пестициди, во контејнерите, но и во депонија близу селото Златари, за која градоначалникот Јован Терзиевски истакна дека од неодамна е бесплатна за користење на граѓаните.

Системот за управување со органски отпад – Компостарница во Ресен беше првиот од овој тип во Македонија, но и во регионот, официјално пуштен во употреба во септември 2014 година, односно пред повеќе од една деценија. Намената на овој проект вреден еден милион евра била собирање и преработка на органскиот отпад, претежно од земјоделците, индустријата и домаќинствата и негово рециклирање и трансформација во висококвалитетно органско ѓубриво – компост.
За жал, овој амбициозен проект згасна во 2017 година, кратко по неговото пуштање во употреба беше затворен во 2017 година и оттогаш објектот е напуштен и надвор од работна функција.
Од „Пролетер“ велат дека Компостарницата била затворена поради застарената и нефункционална опрема и отсуство на економска исплатливост.
– Причините за затворање на Компостарницата се повеќеслојни и вклучуваат технички, економски и организациски предизвици. Со текот на времето, дел од опремата стана застарена и нефункционална, а дополнително беше оштетена или недостапна за употреба. Исто така, проектот се соочи со потешкотии во обезбедување на одржлива економска исплатливост, особено во делот на пласманот на произведениот компост. Недоволниот број работници и ограничените финансиски средства по завршувањето на иницијалната проектна поддршка, дополнително ја отежнаа редовната работа на погонот, ни појаснија од ЈКП „Пролетер“.
Со згаснувањето на Компостарницата, практично згасна и надежта на жителите на Преспа правилно да го рециклираат органскиот отпад од јаболката, а како последица на тоа започнаа да се појавуваат огромни количини јаболка фрлени во контејнерите за отпад, местата за одложување на отпадот од пестициди, во главната депонија во селото Златари, а за жал граѓаните започнале да ги депонираат јаболката и во Преспанското Езеро.

Како најгласно и најангажирано во однос на чистењето на Преспа од секаков тип отпад, се истакнува еко-здружението „Еко Герила Преспа“, составено од волонтери и доброволци што на своја рака започнаа да ги чистат дивите депонии што претежно се наоѓаат во не толку достапните области за Општината и на местата каде што локалната самоуправа нема надлежност и обврска да го собира отпадот, како локациите во близина на Преспанското Езеро кое е заштитена област што е во сопственост и надлежност на државата.
Големи надежи во проектот на ЕУ
Преку проектот „ЕУ за Преспа“ се очекува драстична промена на ситуацијата во која денес се наоѓа Преспа и големи инвестиции во расчистување на депониите, механизацијата и слично. Преку овој проект следува набавка две нови комунални возила за собирање на отпадот, земајќи предвид дека во моментот ЈКП „Пролетер“ располага со комунални возила што датираат од 1995 година па наваму, со што ќе се подобри механизацискиот дефицит со кој се соочува претпријатието и за првпат, како што вели директорот Марчел Русу, ќе може да се опслужат жителите на сите населени места во Преспанскиот регион, што досега било невозможно.

Директорот исто така најави поставување нови отпадни канти за различен отпад, како што е пластиката и хартијата, кој ќе се предава на овластен постапувач за негово рециклирање, а во однос на органското ѓубре кое се создава од огромната количина неискористени јаболка, тој најави повторно пуштање во употреба на познатата Компостарница што речиси една деценија не е во работна состојба како дел од проект во соработка со Грција.
– Таа не работи околу седум-осум години, не можам да кажам зошто не работи и зошто е стопиран процесот. Се надевам дека наредна година ќе почне да работи и работиме на тоа преку проект за меѓугранична соработка со Грција – вели Русу.
Од ЈКП „Пролетер“ за „Слободен печат“ објаснија што точно ќе опфати ова реновирање на Компостарницата, како нови теренски возила, инфраструктурни промени, систем за вода и електрична инсталација.
– Во следниот период се планира реконструкција и модернизација на Компостарницата во Ресен, со цел нејзино целосно повторно активирање. Во рамките на овие активности ќе се набави современа опрема и теренски возила, кои ќе овозможат поефикасна и организирана работа. Инфраструктурните интервенции вклучуваат санација на системот за снабдување со вода и електричната инсталација, како и реконструкција на каналите за одвод на вода и системот за производство на течен компост. Дополнително, ќе се изгради магацин за готовиот производ, простории за механизација и организирани пунктови за собирање на отпадот – велат од „Пролетер“.
Нема конкретно селектирање на отпадот
Директорот Русу истакна и дека во последниот период, со зголемување на цената на индустриското јаболко, се намалил проблемот со фрлање јаболка и создавање диви депонии, со тоа што земјоделците бесплатно можат да го носат отпадот на депонијата во Златари.

Сепак, и депонијата во Златари очигледно е оставена без стопан, каде што иако депонирањето од неодамна е бесплатно, нема конкретно селектирање и собирање на отпадот, тој е расфрлан насекаде по влезот на депонијата, а локацијата на депонијата е релативно далеку од повеќето населени места, што очигледно не ја прави прва опција каде граѓаните го депонираат отпадот. Засега, оваа депонија не може да се класифицира како санитарна, со оглед на тоа дека не ги исполнува техничките и санитарните услови, а ниту се управува според ЕУ-стандардите.

Во оваа акција голема улога има и еко-здружението „Еко Герила Преспа“, кои веќе една деценија активно се „борат“ со расчистување на овој регион од секаков тип на отпад.
Со проектот „ЕУ за Преспа“, овој регион ќе се соочи со сериозни и позитивни промени за почиста Преспа.
Создавање една регионална депонија, поголем број возила што ќе го забрзаат постепеното ослободување дивите депонии, чиј број засега изнесува 38, повеќе контејнери, подобрување на квалитетот и управувањето со депонијата во Златари и едукацијата на сите жители за поголема екосвест се едни од примарните мерки најавени од Општината и од Јавното комунално претпријатие со кои ќе се промени лицето на целиот Преспански регион, и како што велат од „Екогерила“ Преспа, „да се донесе Преспа до сјајот каква што ја паметат минатите генерации и да се остави така чиста на оние што доаѓаат“.