Празни Маркети/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Бојкот: Маркетите послаа „црвен тепих“, ама граѓаните не им влегуваат

Од 10 до 30 отсто е очекуваниот намален промет во домашните маркети, откако граѓаните решија да ги бојкотираат поради високите цени, дознава „Слободен печат“ од свои извори. Во знак на поддршка на бојкотот, некои од скопските кафулиња објавија промоција со намалени цени за 30 отсто

Од 10 до 30 отсто е очекуваниот намален промет во домашните маркети, откако граѓаните вчера решија да ги бојкотираат поради високите цени, брифираат изворите на „Слободен печат“. Тоа, велат нашите соговорници, е сосема солиден граѓански одзив и црвен картон за трговците.
Денес е пазарен ден речиси во целата земја и последен ден од „најдолгиот месец во годината“, како што обично се нарекува јануари поради зголемените трошоци за новогодишните и божиќните празници.

Нашата петочна обиколка по маркетите забележа дека оние ретки купувачи кои влегуваа по маркетите земаа само цигари или леб. Продавачите се врткаа околу рафтовите, редеа стока, а пред касите ги немаше вообичаените редици, па дури и за време на паузата за појадок на вработените во јавната администрација.

Празни Маркети/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Како што веќе пишувавме, некои трговски синџири најавија дека на 31 јануари ќе прават попис за да го „искористат“ денот, а другите се обидоа да спасат дел од прометот со огромни акции и снижувања на голем број артикли. Во знак на поддршка на бојкотот, некои од скопските кафулиња објавија промоција со намалени цени за 30 отсто.
Од целата земја пристигнаа повици за поддршка на бојкотот, а според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) – „малите нешта прават големи промени“. Нивниот слоган е „Стоп за профитите врз грбот на работничката класа!“

– Делот за храна и пијалаци во синдикалната минимална кошница, кој за јануари 2025 изнесува 23.198 денари и спореден со јануари 2024 година (21.007 денари) е зголемен за 2.191 денари, односно за 10,43 отсто – потсетија синдикалците.

Според Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“, потребно е да се намалат цените во маркетите, да има строги контроли, а во меѓувреме да се зголемат платите.

Празни Маркети/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Мене ми е многу драго што оваа иницијатива произлезе од сличната акција во Хрватска, каде ден по првиот бојкот цените се намалија. Но, тие не застанаа тука, туку продолжуваат со бојкотот и оваа недела. Граѓаните гледаат дека нема никакви ефекти, а државата треба да интервенира и кај прекупувачите и да се знае дека веќе не смее граѓаните да го плаќаат цехот – рече Ампева за локалните телевизии.

И Организацијата на потрошувачи на Македонија го поддржа бојкотот.

– За изненадување е дека граѓаните сами се организираа по теркот на Хрватска. Ние не размислувавме да бидеме организатори, туку гласот да произлезе од народот против мерките кои се преземаа до вчера, но не дадоа вистински резултати. Веќе подолго време повикуваме да има поголеми контроли и Владата да размисли околу подолгорочни мерки, со ретроактивно дејство на цените. И тогаш ќе има вистински ефекти. Државата има механизми да интервенира и да ги сузбие нефер трговските практики и конечно треба да го прави тоа. Ова е добар поттик за и граѓаните да се дисциплинираат и да не купуваат сè и сенешто, оти ние сме меѓу земјите во кои многу се фрла храна – вели претседателката на ОМП, Маријана Лончар Велкова за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот