
Бои ќе има, ама дали ќе има јајца да ги вапсаме за Велигден?
Живинарите се децидни дека поради кусиот рок, претходните години, во време на постите, не знаеле што да прават со вишокот на овие производи, а сега се затрупани со барања за извоз дури и од подалечните земји од ЕУ. До каде е стигната ситуацијата е доволно да се илустрира со податокот дека еден голем трговски синџир, кој е присутен во сите земји од соседството, бара јајца и без соодветна стандардизација
Иако со задоцнување, сериозните нарушувања во американскиот и во европскиот живинарски сектор, може да се прелеат и на македонскиот пазар, па од живинарските фарми за „Слободен печат“ брифираат дека недостигот на јајца би се почувствувал пред Велигден. Живинарите се децидни дека поради кусиот рок, претходните години, во време на постите, не знаеле што да прават со вишокот на овие производи, а сега се затрупани со барања за извоз дури и од подалечните земји од ЕУ.
Препорачано
До каде е стигната ситуацијата е доволно да се илустрира со податокот дека еден голем трговски синџир, кој е присутен во сите земји од соседството, бара јајца и без соодветна стандардизација. Македонските јајца се продаваат во Бугарија, Србија, Хрватска, Грција, Романија и во Италија, а во увозот предничи Србија, но нивната цена сега таму е повисока од нашата. До 30 април, Владата, меѓу другите, ја замрзна и цената на јајцата, а дополнително нивната маржа е ограничена на 5 отсто.
– Граѓаните не треба да очекуваат поскапување на јајцата, бидејќи нè ограничија со маржите, а тоа влијае врз производителите. Очекувам дека во периодот што наближува дека нивната понуда ќе биде сè помала, а лесно може да се случи да имаме недостиг токму за најголемиот христијански празник. Гледате што се случува во САД и во многу европски земји, а и да сакаме да увеземе од Србија, тоа е невозможно, бидејќи нивната цена таму е повисока од нашата – велат за „Слободен печат“ од една битолска фарма.
Дел од живинарите велат дека претходните години не знаеле што да им прават на јајцата, а сега нивната побарувачка е зголемена дури и од подалечните европски земји.
– Можете да замислите што се случува кога големи трговски синџири бараат јајца по секоја цена. Ова е невидено, трговците од цела Европа се во паника. Се ближи Велигден, ќе има бои, ама дали ќе има доволно јајца за вапсање е невозможно да се предвиди. Во Македонија цените на јајцата се „под мраз“, ама расте цената на пченката и што е уште пострашно нема каде да се купи. Дури ни во Србија не продаваат – објаснува еден живинар од Гевгелија.
Во 2023 година, кога на македонскиот пазар исто така се појави недостиг на јајца поради зголемената побарувачка за извоз, Владата го ограничи извозот на јајца, а ја замрзна и нивната цена од 15 март до 30 април. За да се спречи евентуалниот недостиг производителите, добија задолжение најмалку 70 проценти од домашното производство на свежи јајца од кокошка да го пласираат на домашниот пазар.
Во 2023 година, Македонија извезла јајца за над 4,08 милиони долари, што ја смести на 62-та позиција меѓу најголемите светски извозници во светот. Според ОЕЦ, главните извозни дестинации биле: Грција, Кипар, Унгарија, Србија и Хрватска. Најбрзо растечките извозни пазари за јајца од Македонија меѓу 2022 и 2023 година биле Грција, Кипар и Унгарија. Во 2023 година во земјава биле увезени јајца во вредност од 2,44 милиони американски долари, првенствено од Србија.
Германската агенција Статистика пресмета дека приходите на пазарот на јајца годинава ќе достигнат 73 милиони долари. Според статистиката, годишната просечна потрошувачка на јајца на едно македонско семејство е 20 табли или 600 парчиња јајца.