Петар Богојески / Фото: Фејсбук

Богојески ќе тужи „новинари поврзани со СДСМ и ДУИ“, тврди дека ширеле лажни информации за него

Новоназначениот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, најави правна постапка пред надлежните институции против правни и физички лица, меѓу кои се и „одредени политички партии, нивни функционери, невладини организации, самонаречени новинари и поединци поврзани со претходната власт на ДУИ и СДСМ“.

Богојески, кој е претседател на малата десничарска партија Македонски концепт, изминатава недела стана директор во Националната агенција, државна институција која ја координира распределбата на пари од европската програма „Еразмус плус“. Назначувањето предизвика реакции во јавноста околу соодветноста на Богојески за функцијата, со оглед на историјата на неговите јавни настапи.

Реагираа и партиите на македонските Албанци од власта и од опозицијата, наведувајќи други причини зошто Богојески не треба да ја води институцијата.

„Овие субјекти се инволвирани во креирање и ширење на лажни информации и материјали, лажни профили на социјални мрежи со украден личен идентитет, лични навреди, дисквалификации, говор на омраза, омаловажување и клевети. Нивното делување има за цел создавање на атмосфера на јавен линч и поттикнување закани, со што директно се загрозени мојот личен и физички интегритет, но за жал и на моето семејство. Дел од тие креирани лажни профили и материјали, закани за физичка ликвидација и сл. веќе се пријавени во Министерството за внатрешни работи и надлежните институции преземаат мерки согласно законските надлежности“, вели Богојески.

„Потенцирам дека во претходните неколку денови беа креирани серија на лажни профили со мој идентитет, на сите можни социјални мрежи, за што јас навремено, јавно информирав. Нивната намена беше да фабрикуваат, а во текот на последните два дена масовно да споделуваат фалсификувани и креирани, не од мене ставови, статуси и коментари на социјалните мрежи“, додава тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот