
Блинкен на средба со Абас
Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска се состана со јорданскиот крал Абдула во Аман, втората станица од неговата најобемна турнеја на Блискиот Исток досега додека Израел се подготвува за копнена офанзива во Газа, и ги повика луѓето во градот Газа да се евакуираат кон југот.
Препорачано
Во моментов во тек е средба со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Обединетите Нации соопштија дека би било невозможно евакуацијата да се изврши „без катастрофални хуманитарни последици“.
Блинкен вчера го посети Израел и разговараше со премиерот Бенјамин Нетанјаху за конфликтот.
Американскиот претседател Џо Бајден го испрати својот висок дипломат во регионот, зафатен со најсериозната ескалација во последните години, по нападот на палестинските милитанти на Хамас кои низ израелските градови убија 1.300 Израелци.
Блинкен го прошири своето патување од Израел и Јордан за да ги вклучи сите арапски земји од Персискиот залив и Египет, што го прави негова најголема турнеја низ регионот откако ја презеде функцијата во јануари 2021 година.
Првиот американски дипломат само денеска треба да посети уште три земји: Катар, Бахреин и Саудиска Арабија, каде што ќе преноќи.
– Во секој од овие ангажмани, ќе продолжиме да ги притискаме земјите да помогнат да се спречи ширењето на конфликтот и да ги искористиме нивните влијанија со Хамас за веднаш и безусловно ослободување на заложниците, рече Блинкен на прес-конференција во Тел Авив.
– Ќе разговараме и за тоа како можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата афирмативна визија за регион кој е помирен, попросперитетен, побезбеден, поинтегриран. И всушност, тоа е изборот, а изборот на некој начин е уште поостар со акциите на Хамас во саботата, нагласи тој.
Според Вашингтон, најмалку 25 Американци биле убиени во нападите на Хамас, а се верува дека повеќе се меѓу многуте заложници однесени во Газа. Заменик специјалниот пратеник на САД за прашања на заложниците Стив Гилен отпатува со Блинкен во Израел и ќе остане да ги поддржи напорите за нивно ослободување.