Фото: Marco Verch Professional Photographer / Flickr

„Блек фрајдеј“ по македонски вкус: Граѓаните „стискаат“ цела година, а на крајот капитулираат пред маркетинг-стапиците

Налепниците по продавниците веќе повикуваат на попусти до 70 отсто, иако вистинските намалувања се движат од 20 до 30 отсто. Вака „развлечените“ попусти кај нас траат и по неколку недели, што значи дека на самиот ден ќе пазаруваат оние кои ги пропуштиле претходните шанси

Нема официјални податоци за тоа колку пари се подготвени да потрошат македонските граѓани за Црниот петок. Но едно е јасно, дел од нив „стискаат“ цела година, за да имаат буџет за трошење во овој период. И тоа помалку за облека, а повеќе за неопходните апарати за домаќинство, покажува истражувањето на терен, кое „Слободен печат“ го направи деновиве. Од друга страна, трговците не се расположени да откриваат бројки, но меѓу редови, дознавме дека за време на последниот ноемвриски викенд, прометот им се зголемува и до три пати повеќе отколку во некој просечен прв ден од викендот.

Како и да е „Блек фрајдеј“ има уште една наша специфика – тој трае цела недела и според рекламите на трговците тој веќе почна од минатата недела. Ретки се дуќаните, каде според европски терк попустот ќе трае само во петок и кај нив по традиција има долги редици пред касите и расфрлана облека пред гардеробите. Лани се случи уште еден феномен, каде поради дополнителниот попуст од 50 отсто, редици граѓани чекаа пред една скопска продавница за часовници.

Со години „развлечените“ попусти кај нас може да траат и по неколку недели, бидејќи се користи законската можност за едномесечни акции, а тоа значи дека на самиот ден ќе пазаруваат оние кои ги пропуштиле претходните шанси. Големите попусти за „Блек фрајдеј“ секогаш се мамка за нашите граѓани да го фатат патот кон соседна Грција. Секоја година во овој период има големи колони на возила на граничниот премин „Богородица“, бидеќи се цени дека се подобри можностите за подобри зделки во Солун, во однос на нашата трговија. Последниве години, долги колони на шопинг туристи целат и кон Врање или Приштина и таму ги оставаат своите заштеди со вистински намалувања. Традиционално во Америка со овој ден се означува почетокот на големата божиќна шопинг сезона и е најпрометен ден во малопродажбата.

Претходните податоци за прометот евидентиран преку системот на УЈП, а за кој се издадени фискални сметки од пред четири години, потрошените 37,7 милиони евра во 2020 година за време на тој викенд, биле помали отколку во 2019 или 2018 година.

Во пресрет на најавениот Црн петок викенд, Управата за јавни приходи упати препорака до сите даночни обврзници кои ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги, тие да бидат изразени и наведени при издавање на сметката, односно, пресметаниот ДДВ да биде наведен во сметката со новосоздадената цена.

-Даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги а за кои плаќањето се извршува готовински, должни се да поседуваат фискален систем на опрема (ФСО) , задолжително да издаваат фискални сметки при вршење на продажба и промет и на видно место, да постават  соопштение со кое го информираaт купувачот на доброто за неговата обврска да побара фискална сметка. Потрошувачите на добрата, односно корисниците на услуги при купување, должни се да побараат фискална сметка и да ја чуваат по напуштањето на местото на прометот на доброто, заради контрола. Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници кои не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки – предупредија од УЈП.

Од Организацијата на потрошувачите на Македонија пак оставаат на граѓаните дали ќе решат да купуваат на „Блек фрајдеј“, или, пак, ќе го избегнат. Попусти за време на оваа акција има и доколку се купува преку интернет, па од ОПМ апелираат да се внимава од кого се купува.

Не купувајте само поради попустот!

Една од најголемите стапици на Црниот петок е купувањето работи што навистина не ви се потребни само затоа што се на продажба. Запрашајте се: „Дали би го купил ова по целосна цена?“ Ако одговорот е не, можеби е подобро да се откажете од купувањето, велат експертите.

Црниот петок не е можност да собирате непотребни работи, туку паметно да инвестирате во она што навистина ви треба и што ќе ви користи на долг рок.

Иако Црниот петок често е фокусиран на производи кои брзо исчезнуваат или се популарни само во моментот, размислете за купување производи кои имаат долгорочна вредност. Квалитетната облека, обувките, електрониката или апаратите за домаќинство можат да ви служат со години. На овој начин, ќе се погрижите вашето купување да има вистинска вредност, наместо да се одлучите за евтини производи кои наскоро ќе завршат во кутијата за складирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот