
„Блек фрајдеј“ на македонски начин- попустите „зовреа“ уште пред да почне големиот викенд
Налепниците по продавниците, веќе повикуваат на попусти до 70 отсто, иако има уште една недела до официјалниот „Блек фрајдеј“. Вака „развлечените“ попусти кај нас траат и по неколку недели, што значи дека на самиот ден ќе пазаруваат оние кои ги пропуштиле претходните шанси
Никој не знае или не сака да открие колку пари ќе потрошат македонските граѓани за „Блек фрајдеј“. Трговците не се расположени да откриваат бројки, но онака неофицијално ќе дознаете дека за време на тој викенд, прометот им е и до три пати поголем отколку во некој просечен прв ден од викендот. Ако се повикаме на податоците за прометот евидентиран преку системот на УЈП, а за кој се издадени фискални сметки од пред три години, потрошените 37,7 милиони евра во 2020 година за време на тој викенд, биле помали отколку во 2019 или 2018 година.
Препорачано
Како и да е на македонски начин: „Блек фрајдеј“ со попусти кај нас веќе почна од минатата недела. Налепниците по продавниците, веќе повикуваат на попусти до 70 отсто, а поради попустот од 50 отсто, редици граѓани чекаа пред една скопска продавница за часовници во претходниот петок.
Вака „развлечените“ попусти кај нас траат и по неколку недели, што значи дека на самиот ден ќе пазаруваат оние кои ги пропуштиле претходните шанси. Големите попусти за „Блек фрајдеј“ секогаш се мамка за нашите граѓани да го фатат патот кон соседна Грција. Секоја година во овој период има големи колони на возила на граничниот премин „Богородица“ од Македонци кои сметаат дека можат да направат подобри зделки во Солун, во однос на нашата трговија. Во Америка со овој ден се означува почетокот на големата божиќна шопинг сезона и е најпрометен ден во малопродажбата.
-Останува на граѓаните дали ќе решат да купуваат на „Блек Фрајдеј“, или, пак, ќе го избегнат – велат за „Слободен печат“ од Организацијата на потрошувачи на Македонија. Попусти за време на „Блек Фрајдеј“ има и доколку се купува преку интернет, па од ОПМ апелираат да се внимава од кого се купува.
Инаку, според пишувањето на Еурактив, Хрватите би можеле да потрошат над 70 милиони евра или 10 отсто повеќе од лани во последниот петок во ноември, кој е обележан со попусти и шопинг треска, според проекциите на Хрватската стопанска комора (ХГК). Минатата година на црниот петок на 25 ноември издадени се 3,96 милиони фактури чија вкупна вредност изнесува околу 65,4 милиони евра, покажуваат податоците на Даночната управа. Доколку се реализира најавата за пораст на продажбата за околу 10 отсто, тогаш тоа значи дека вкупниот промет на „Блек фрајдеј“ ќе биде над 70 милиони евра.
Инаку, силен пораст на продажбата е забележан лани во Хрватска на „Блек фрајдеј“, бидејќи биле издадени 11 отсто повеќе сметки, отколку на истиот ден во 2021 година, додека нивната вредност е зголемена за 16 отсто. Но, треба да се нагласи дека минатогодишниот викенд на попусти го одбележа и високата инфлација, поттикната од последните подготовки за воведување на еврото. Освен тоа, во ноември 2022 година, според државната статистика, Хрватска забележа рекорд на инфлација од 13,5 отсто, што е највисока од водење на евиденција, така што растот на продажбата делумно е последица на големиот скок на цените на мало, а делумно поради „заокружувањето“ на цените.
Но, тоа што Хрватите веројатно ќе потрошат нешто повеќе од лани не значи, предупредуваат економистите и трговците, дека нужно ќе купуваат повеќе. Впрочем, во количина веројатно ќе купат помалку од лани, но ќе плаќаат повеќе за овие стоки и услуги поради повисоките цени. Затоа не е чудно што економистите и трговците велат дека оваа година може да очекуваат можеби поголем износ на сметки да бидат издадени на „Блек фрајдеј“, иако, квантитативно гледано, веројатно ќе се продаваат нешто помалку стоки и услуги од минатата година.
Со други зборови, прашање е дали трговците навистина имаат причина да ги тријат рацете. Борис Вукелиќ, поранешен долгогодишен шеф на еснафот на трговци при Хрватската стопанска комора (ХОК), предупредува дека Хрватска се претвори во класно општество, во кое некои луѓе имаат пари за трошење, а некои немаат. Дополнително, вели Вукелиќ, „Блек фрајдеј“ одамна стана „црна недела“ во Хрватска, во која на клиентите им се нудат стоки и услуги по намалени цени, но овие намалувања во Хрватска се помали отколку на Запад.