Фото: Битфест 2022, Фејсбук

Битолските политичари се скараа за Битфест, настрадаа уметниците

Во Битола продолжуваат меѓупартиските пресметки околу трошењето на парите од буџетот на Општината Битола за културните проекти.

Реакциите особено се зголемија по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за трошењето на парите и наводите на некои советници на СДСМ дека Културното лето во Битола е „пералница на пари“.

Притоа ВМРО-ДПМНЕ излезе во јавноста со список на познати битолски и македонски уметници и културни институции со прашање дали се тие „перачи на пари“?

На таквата реакција возвратија од СДСМ која ја обвини локалната власт во Битола дека си поигрува со реномето и авторитетот на културните институции и уметници кои ги става во политичка игра за нивното ненаменско трошење на големи суми пари во културните манифестации.

-ДПМНЕ Битола да не зема в уста имиња на македонски културни работници и на културни институции оти со тоа ги сквернави! Градоначалникот Тони Коњановски да не наметнува во јавноста теми чија единствена цел е да го дефокусираат вниманието од грабежот на општинската каса што се случува во Битола! Дилемите што ги отвори самиот Коњановски за парите за култура, може да ги реши единствено тој. Нека ги повика сите уметници кои се дел од „Битфест“ или изразиле желба да бидат дел од Битолското културно лето и убаво нека им објасни дека самиот тој и службите во Општина Битола во декември 2022 година предложија буџет за културни настани кои ќе се случат во 2023 година. Советот го изгласа буџетот што Коњановски го предложи, а во кој „Битфест“ е составен дел. Културните работници се интелектуалци и сигурно ќе разберат дека проблемот не е во советниците, туку во недомаќинското работење на Општината и градоначалникот Коњановски кои парите за култура, предвидени и одобрени во декември 2022 година, очигледно ги потрошија уште на средината на 2023 година. Го повикуваме Коњановски конечно да се охрабри и да ги сподели со јавноста сите детали за распределбата на буџетските пари за култура. Нашите советници од декември лани ја чекаат информацијата што ја побараа од Општината. Битолчани имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари-реагираат од Битолската СДСМ.

На таквите реакции од опозицијата се огласи градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој порача политиката да остане надвор од културата.

-Ниту една политичка партија не смее да врши сквернавење на културата и културните уметници, со зборовите „Битфест беше и остана пералница за пари“ како што деновиве низ партиски соопштенија на СДСМ се нарекува Фестивалот каде настапувале значајни имиња од културата, кои благодарение на нивниот ентузијазам, професионализам и креативност, настапувале на „Битфест“ и за тоа добиле соодветен финансиски надомест. Општината Битола за првпат оваа година во креирањето на Програмата за култура ги вклучи граѓаните и културните уметници, преку објава на анкета и јавни повици со кои целта беше да се сублимираат најдобрите културни понуди и да се одговори на предлозите и сугестиите кои ги имаа жителите на Општина Битола, за креирање на квалитетна културна понуда за Битолското културно лето. Големиот интерес и пристигнатите вкупно 250 апликации, во различните области од јавниот повик бараа посветеност во евалуацијата со цел изработка на соодветна културна понуда, која ќе го следи новиот концепт на оваа локална самоуправа, широко прифатен од граѓаните и уметниците. Општина Битола, првпат во досегашното работење, јавно и транспарентно на веб-страницата ги објави резултатите од сите спроведени јавни повици, вклучувајќи ја и Програмата за култура. Процесот на работа, предвидува измени и дополнувања на различни програми, каде што се вбројува и Програмата за култура на Општина Битола, донесена во декември минатата година и каде по завршувањето на процесот на квалитативна евалуација, се покажа дека културните уметници заслужуваат многу поголема поддршка од планираната. Измени на програмите и ребаланс на буџетот се начини на работа кои се во согласност со законите-вели битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Тој апелира до сите политички партии, да ја остават политиката надвор од културата, затоа што како што вели Битола мора да продолжи културно да се развива и да напредува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот