
Билјана Стојанова, директорка во Фонд за ПИО: Средувајте го стажот навреме, а не пред заминување во пензија
За да се утврди пензијата, треба да се утврди пензиската основа што претставува збир од месечен просек на плати што се оствариле во целиот работен век
Пресметките на пензии се комплексно, но сепак, набргу со притискање едно копче, секој ќе може да види колкава ќе му биде пензијата. Онлајн калкулаторот влегува и во измените на законот за пензиско и инвалидско осигурување кој е во процес на носење. Она што е важно за секој иден пензионер е да си го проверува пензискиот стаж и ако забележа дека нешто му недостига, навреме да реагира.
Препорачано
– Многу е битно секој одвреме-навреме да извади листа, да си го провери стажот, доколку има некои нејаснотии да се обрати на шалтерскиот работник, тој ќе му посочи што треба да направи. Битно е стажот да се среди до моментот додека не оствари условот за остварување на правото на пензија за да се поедностави постапката, пото донесувањето на решението трае само неколку дена, ден или два – вели Билјана Стојанова, директорка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
За остварување старосна пензија, потребни се најмалку 15 години стаж и возраст од 64 години за маж, а за жена 62, или 64 години по нејзин избор.
– За да се утврди пензијата, треба да се утврди пензиската основа што претставува збир од месечен просек на плати што се остварил во целиот работен век, а најрано во 1970 година, па сè до последната календарска година пред заминување во пензија. Сите тие плати, надоместоци заради невработеност, влегуваат во пензиската основа. За оние што имаат стаж пред 1970 година, пензиската основа се одредува според нивната квалификација, за што секоја година Државниот завод за статистика дава одредени износи. Откако ќе се утврди пензиската основа, според должината на пензискиот стаж се утврдува и процентот за одредување на пензијата – објаснува нашата соговорничка.
Стојанова потсетува дека од 2012 година има законски измени и вели дека во последните четири-пет години коефициентите што завист од одредени фактори и за кои известува Државниот завод за статистика се повисоки, па има и поголеми пензии.
– Во однос на пресметаните пензии има поплаки, но не често. Меѓу нив, најчести се поплаките во однос на износот. Но, тоа не зависи од нас, туку од платите и стажот. Системот со кој работи Фондот е совршен и немаме никакви грешки – категорична е Стојанова.
Откако ќе го добие првостепеното решение, секој има право во рок од 15 дена од примањето на решението да се жали во второстепената комисија, која одлучува и го известува првостепениот орган и или се уважува жалбата и се враќа на првостепената постапка, или не се уважува и се известува подносителот на жалбата. Жалбата може да се поднесе директно во Државната комисија, или преку Фондот, кој потоа ја проследува до Државната комисија – објасни директорката.
Од 2006 година функционира концептот на бруто-плата и оттогаш придонесите задолжително се уплатуваат преку УЈП, но периодот на транзиција остави многу луѓе бед доволно стаж за да одат во пензија, или пак, ги остави со малку стаж и со ниски пензии. Стојанова потсетува дека од 2020 година има можност да се изврши докуп на стаж, за тоа треба да се достави барање во фондот.
– Услов е формата да била во стечај и да биде ликвидирана, односно затворена. Не може за фирми што се сè уште активни да се бара докуп на стаж. Нема ограничување за тоа колку години може да се докупат, најчесто тоа се прави до 15, за да се оствари пензија. Сепак, тие луѓе сами си го плаќаат стажот – вели Стојанова.
Стажот во странство треба да се пријави
Со повеќе европски држави, со поранешните југословенски републики и со прекуокеанските Австралија и Канада имаме склучено договори за социјално осигурување. Директорката Стојанова потсетува дека тој стаж треба да се пријави.
– Многу е битно, секој да биде свесен за постоењето на тој стаж, да дојде во Фондот, да го пријави, затоа што некогаш од незнаење – немаат доволно стаж во Македонија, не го пријавуваат странскиот стаж и не може да остварат пензија! Ако го пријават навреме, и ако имаме договор за социјално осигурување со таа држава, по меѓународен договор, тие ќе може, просто кажано, да си го соберат стажот. Со Америка немаме таков договор, туку само договор за реципроцитет на исплата на пензии – вели Стојанова.
Мажите да донесат војничка книшка
Пред да заминат во пензија, на мажите им се бара војничка книшка. Ако не може да ја најдат, процедурата е лесна за да се добие потврда за отслужен воен рок. Но, во последно време често може да се слушне прашањето: Зошто се бара потврда за отслужениот воен рок?
– Војничка книшка, или потврда за отслужен воен рок се бара од мажите за да се утврди дали периодот кога тие служеле војска, не се поклопува со стажот на осигурување, затоа што честопати осигурениците од машкиот пол пред да заминат во војска се во работен однос, се случува последниот работодавец да не го одјави од социјалното осигурување, а тој е на служење воен рок и се преклопува периодот на служење на воениот рок со стажот на осигурување. За да можеме да го разграничиме тоа, ја бараме таа потврда – вели Стојанова.