Бил Гејтс / Фото: EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Бил Гејтс донира 912 милиони долари за борба против СИДА, туберкулоза и маларија

Фондацијата Гејтс ќе донира 912 милиони долари на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, објави Бил Гејтс, повикувајќи ги владите да го запрат глобалното намалување на финансирањето на здравството.

На настанот Ројтерс Њузмејкер во Њујорк, Гејтс изјави дека светот се наоѓа на раскрсница и предупреди дека милиони деца би можеле да умрат доколку средствата премногу се намалат.

Донацијата на Фондацијата Гејтс е иста како онаа во 2022 година, кога Глобалниот фонд, независна организација со седиште во Женева, последен пат собираше средства во рамките на тригодишниот буџетски циклус.

Оваа година доаѓа по големи кратења на државната помош, предводени од Соединетите Држави.

Според Институтот за здравствени метрики и евалуација (IHME), глобалната развојна помош паднала за 21 процент помеѓу 2024 и 2025 година, на најниско ниво во последните 15 години.

Гејтс предупреди дека со тоа би можел да биде загрозен напредокот кој од 2000 година ја преполови смртноста на децата и спасува околу пет милиони животи годишно.

Фондацијата Гејтс, основана во 2000 година, е еден од најголемите светски финансиери на глобалното здравство, со акцент на спречување смрт на мајки и деца, борба против заразни болести и намалување на сиромаштијата.

Гејтс претходно годинава најави дека речиси целото свое богатство, проценето на 200 милијарди долари, ќе го донира до 2045 година, побрзо отколку што беше планирал, поради итните потреби во светот.

На годишниот настан Goalkeepers, фондацијата му ја додели наградата Global Goalkeeper на шпанскиот премиер Педро Санчез, истакнувајќи дека Шпанија го зголемила својот придонес во Глобалниот фонд за 12 проценти и во Глобалната алијанса за вакцини (GAVI) за 30 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот