
Бездомните лица со влошена здравствена состојба можат да се засолнат во Пунктот во Момин Поток
Од Црвениот крст на Град Скопје апелираат до сите хумани граѓани, доколку забележат бездомно лице, може да се јават на телефонскиот број 071/261-787, по што екипа на Црвен крст со возило ќе дејствува на терен.
Сите бездомни лица кои имаат влошена здравствена состојба но и сите оние кои сакаат да се засолнат на топло во овој период од годината кога температурите навечер паѓаат и под нула степени целзиусови имаат можност тоа да го направат во Пунктот за бездомници во Момин Поток.
Препорачано
Како што информираат од Црвениот крст на Град Скопје, Пунктот за бездомници успешно, 13 години во континуитет, ја дава потребната помош и поддршка на бездомните лица.
-Во рамките на Пунктот, функционира и привременото прифатилиште во кое се сместуваат бездомни лица во тешка здравствена состојба и при екстремно ниски температури во текот на зимскиот период. Годинава, во периодот од 11 јануари до 5 февруари, во прифатилиштето се реализирани 154 преспивања на бездомните лица. Во текот на 26 денови функционирање во тек на студениот зимски бран, 16 лица ги користеа услугите во прифатилиштето. Како поддршка во реализација на оваа активност беа ангажирани 8 волонтери на Црвен крст – информираат од Црвениот крст на Град Скопје.
Оттаму апелираат до сите хумани граѓани, доколку забележат бездомно лице, може да се јават на телефонскиот број 071/261-787, по што екипа на Црвен крст со возило ќе дејствува на терен.