
Без никакви проверки биле делени лиценци – ДКСК нотира низа пропусти во Законот за угостителска дејност
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврди низа пропусти во Законот за угостителска дејност, во анализата што ја спроведе по сопствена иницијатива, откако се случи трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На денешната седница Комисијата го разгледуваше извештајот од спроведената проверка на легислативата на одредби кои се однесуваат на издавањето на лиценци, одобренија, дозволи за работа на угостителски објекти при што утврди низа ризици.
-Во член 4а став 2 утврдивме регулаторен ризик – одредбата овозможува упис на физички лица во Региостарот за вршење угостиелска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови, доволно е лицето само да достави пријава до ДПИ без обврска надлежниот орган да ја верификува точноста на наводите. Ризикот е во тоа што постапката е формално завршена без реална потврда на исполнетост на условите што создава правна празнина поради отстуство на обврската за контролен надзор прд регистрација и се отвора простор за декларативни пријави што во пракса значи дозвола за вршење дејност без реална проверка шт може да има последици врз здравјето и безбедноста на гостите – истакна претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
ДКСК препорачува во Законот да се предвиди обврска за доставување писмена согласност од ДПИ или друг надлежен орган со што ќе се потврди исполнетоста на минимално техничките услови пред уписот во Регистарот. Оттаму додаваат дека е неопходно да се пропише обврска ДПИ да изврши увид во определен рок, на пример 15 дена, како и санкции во случај на невистинито пријавување вклучувајќи можност за казна или одземање на одобрението.
Во однос на казните, наместо предвидените инспекциски мерки како опомена, задолжување или забрана, се предвидува врачување покана за едукација што, како што рече Димитровска, не е во согласност со важечките законски процедури.
-Ова создава правна колизија и води кон правна несигурност во постапувањето на инспекторите и остава простор за различна, призволна примена на инспекциските овластувања. И во делот на прекршочните одредби е утврден регулаторен ризик. Висината на глобите не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето. Се препорачува да се преиспитаат прекршочните одредби за да се обезбеди сразмерност меѓу висината на глобите и сериозноста на последиците, особено кај прекршувањата се однесуваат на здравјето и безбедноста на луѓето. Треба да се примени и трикратниот износ на глоба за сериозни прекршоци – нагласи Димитровска, која укажа дека мора да се усогласи член 59 од Законот за угостителска дејност со член 82 од Законот за инспекциски надзор.
Заклучокот на ДКСК е дека во Законот за угостителска дејност постојат бројни регулаторни ризици поради недоволно прецизно, нецелосно и неконзистентно уредени постапки, отсуство на функционални контролни механизми и можност за декларативно исполнување на условите без фактичка проверка од надележен орган.
Извештајот од спроведената антикорупциска проверка со кој покрај Законот за угостителска дејност се опфатени и Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локална самоуправа, Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за промет на експолозивни материи, ќе биде јавно објавен, но ќе биде и доставен до предлагачот, како и до институциите што ги имплементираат и регулираат овие закони.