
Бесими се покаја за растот на платите за 30 проценти, решенијата ставени во фиока
Поради неможноста на утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност која произлегува од работната позиција, примената ќе ја регулираме со допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот секторот, рече министерот Фатмир Бесими
Вработените во Министерството за финансии протестираат бидејќи не го добиле ветеното покачување на платата од 30 отсто, како што беше предвидено.
Препорачано
Во јавноста се создаде притисок – зошто за едни да има предвидено зголемување на платите во Буџетот за 2023 година, а за други не.
Од Министерството за финасии велат дека тимот што го креира државниот буџет обавува многу значајна и одговорна улога во општествотото, а нивните плати се помали од платите во другите институции што се под ова Министерство, како и од целиот сектор „Финансии“.
– Во услови кога се спроведуваат најзначајните реформи во јавните финансии, што се предуслов за забрзување на економскиот раст, но и дел од нашиот пат кон Европската Унија, неопходно е да ги зајакнеме професионалните, стручни кадри во Министерството за финансии, кое е носечка институција во финансиската сфера. Ние ќе ги преземеме сите мерки, високата одговорност која ја преземаат овие вработени кои работат со милијарди евра на граѓаните, но и стручност, да биде соодветно вреднувана – посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бесими истакна дека просечната плата во Министерството за финансии е дури два пати помала во однос на просeчната плата во целиот сектор „Финансии“. Таму просекот е 49.800, а во Министерството изнесува 26.000 денари.
– Кога станува збор за раководните позиции во секторот „Финансии“ и Министерството за финансии, овој сооднос е неколкукратно повисок. Во време на крупни реформи во јавните финансии и усогласување со acquis на Европската Унија, неопходно е стручните и професионални кадри, да останат во институцијата и да се спречи одливо на кадар, кој се случува изминатите години – вели Бесими.
Министерот за финансии истакна дека решението ќе се бара во Законот за буџети.
– Поради неможноста на утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност која произлегува од работната позиција, примената ќе ја регулираме со допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот секторот, кој е во завршна фаза на подготовка како системско решение ва рамки на јавниот сектор – дообјасни министерот.
Од Сојузот на синдикати на Македонија за Алсат велат дека ќе поднесат пријава против министерот Бесими.
-Министерот ги повлекол сите решенија за зголемување на плата, платата не е исплатена воопшто и сега ќе барал толкување дека тоа зголемување нема да биде за сите вработени во министерството туку само за два сектори. Не знам како тоа ќе го направи, законот си стои, нема предлог закон за изменување на закон за буџети каде е предвидено зголемување на платите. Многу чудна постапка на министерот и ние подготвуваме опомена пред тужба – рече Трпе Деаноски претседател на Синдикатот на УПОЗ.