Бесија Иљази / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Бесија Иљази ќе биде на „пробациска индивидуална програма“

Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, која со признание на вина е осудена за злоупотреба на службената положба и овластување, освен условната осуда со судската пресуда ќе биде и на „пробациска индивидуална програма“. Како што од Кривичниот суд – Скопје информираа за „Слободен печат“, тоа значи дека таа се задолжува во рок од 15 дена по извршноста на пресудата да се јави во месно надлежната пробациска канцеларија на подрачјето на Основен кривичен суд Тетово, со цел пробацискиот службеник да изготви индивидуална програма и план за спроведување на заштитниот надзор врз неа, согласно Законот за пробација.

Со пресудата е упатено оштетеното правно лице, ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија Скопје, имотно-правното барање да го остварува на спор, велат од Кривичниот суд.

Бесија Иљази на 4 март годинава беше осудена врз основа на признание на вина за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 вв ст.1 од КЗ. Со пресудата на обвинетата ѝ е изречена Условна осуда, односно – се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено судот определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, доколку обвинетата во рок од четири години, сметано од денот на правосилноста на пресудата, не стори ново кривично дело.

Според обвинителниот предлог за кој Иљази признала вина – постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита, во мај 2024 година таа склучувала договори за дело со лица за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот