
Бернардо Силва апелира: Намалете го бројот на натпреварите, ова е нехумано
Бројот на натпревари кои професионалните фудбалери треба да ги играат во една година е преголем и треба итно да се намали, смета играчот на Манчестер сити, Бернардо Силва.
Препорачано
Според него, играчите немаат доволно време за приватниот живот и се изложени на висок ризик да доживеат сериозна повреда поради набиениот распоред и преоптоварувањето на телото.
– Секогаш кога некој од фудбалерите ќе се пожали колку му е тешко, навивачите велат дека немаме право на тоа, бидејќи живееме добро. Ок, имаме добри договори, го работиме тоа што го сакаме, но бројот на натпревари кои мора да играме во текот на сезоната е неверојатен. Имаме натпревари на секои три дена, воопшто немаме време да поминуваме со семејството – изјави Силва.
На првотимецот на англискиот шампион особено му пречи тоа што е зголемен бројот на натпревари во Лигата, само заради профит, додека никој не размислува за здравјето на играчите.
– Поединечни екипи кои не успеваат директно да се квалификуваат во елиминациската фаза од Лигата на шампионите треба да одиграат два дополнителни натпревари во ова натпреварување, а не заборавајте дека тука се и домашната лига и Купот. Навистина не е хумано да се играат толку многу натпревари. Знам, тимовите имаат голем број играчи, тренерите можат да ротираат, но дефинитивно треба да бидете во целосен тренажен процес и да го доживувате секој натпревар како да сте на теренот. Тоа е навистина голем напор – рече Силва.