
Белгија најави признавање на Палестина и воведе санкции врз Израел
Белгија ќе се придружи на групата земји кои ќе ја признаат државата Палестина на овогодинешното Генерално собрание на ОН и ќе воведат санкции врз Израел поради војната во Газа, објави синоќа министерот за надворешни работи Максим Превост.
Препорачано
Признавањето на Палестина ќе биде формализирано само ако Хамас ги ослободи сите преостанати израелски заложници земени во нападот на 7 октомври 2023 година и ако милитантната група „веќе не игра никаква улога во управувањето со Палестина“, рече Превост, според Политико.
Во меѓувреме, Белгија, исто така, ќе воведе „силни санкции“ врз израелската влада, рече белгискиот министер, според Танјуг.
Превост рече дека двајца „екстремистички“ израелски министри, неколку „насилни доселеници“ и лидери на Хамас ќе бидат прогласени за „персона нон грата“ во Белгија.
Иако не ги именуваше министрите, веројатно е дека тоа ќе бидат Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрих, кои се санкционирани од други земји, вклучително и Велика Британија, поради обвинувања за поттикнување насилство врз Палестинците на Западниот Брег, објави порталот Брисел.
Во јули, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе ја признае палестинската држава на состанокот на ОН, што ќе се одржи од 9 до 23 септември во Њујорк, а повеќе од десетина други западни земји оттогаш потврдија дека ќе го сторат истото.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека потегот поттикнува антисемитизам, „го наградува монструозниот тероризам на Хамас и ги казнува неговите жртви“.