
Беќири: Шкендија ќе даде сè од себе за позитивен резултат против ФСЦБ
Фудбалерите на Шкендија ќе се обидат да испишат нова страница во својата историја утре вечер во Скопје, кога ќе го игра првиот натпревар од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите против ФЦСБ од Романија. Мечот ќе се игра од 20.00 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Препорачано
Македонскиот првак успешно ги стартуваше квалификациите откако во првото коло го елиминираа ТНС од Велс. Своите очекувања за утрешниот дуел против ФЦСБ ги сподели тренерот на тетовските „црвено-црни“, Јетон Беќири:
– Секако, го анализиравме противничкиот тим, тие се исто така во фаза на шампионатот, покрај тоа што одиграа два натпревари во Европските купови. Зборуваме за многу квалитетен тим, со многу искуство, но ние сме подготвени да дадеме сè од себе и да се обидеме да постигнеме позитивен резултат.
Шелбурн или Карабах потенцијални ривали на Шкендија во третото квалификациско коло за ЛШ
Првиот предизвик е да се овозможат овие други натпревари, кои би ги нарекол луксузни предизвици, бидејќи секој тим што игра во второто коло од Лигата на шампионите е многу силен и почитуван, особено ФЦСБ Букурешт, кој е поранешен европски шампион. Но, фудбалот е прекрасен и понепредвидлив, токму затоа што се случуваат изненадувања, што ги гледаме секој ден. И мора да бидеме тим со нозе на земја, мора да го почитуваме противникот, но во исто време, мора да се почитуваме себеси, нашата сила, тимот и историјата, бидејќи Шкендија е тим со традиција и во европските купови и во шампионатот. Шкендија отсекогаш знаела како да игра добро против силни тимови. Се надевам дека ќе одиграме добро и ќе ги задоволиме навивачите – изјави Беќири на прес-конференцијата.
Во изминатиот период Шкендија успеа да го ангажира Арбин Зејнулаи кој дојде од редовите на албанската екипа Егнатија. Зејнулаи одработи три тренинзи со екипата, тој е регистриран со право на настап, но има неколку мускулни проблеми, и ќе се одлучи пред мечот дали ќе игра во вторник.
Фудбалерот на Шкендија, Клисман Цаке смета дека атмосферата во тимот е многу добра.
– Против ФЦСБ ќе влеземе на теренот за пласман понатаму. И покрај тоа што станува збор за голем тим со историја, тоа не нè плаши, туку нè мотивира уште повеќе. Ние ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од себе – се зборовите на Цаке.
Во изминатиот период излегоа информации во јавноста дека газдата на ФЦСБ, Џиџи Бекали, по срамниот пораз од Интер Ескалдес од Андора, од револт се закани дека ќе брка и казнува првотимци и дека ќе игра со вториот тим против Шкендија.
– Верувам дека ова е нешто што се случува во нивниот клуб и не влијае многу врз нас. Можеби ја искористија таа шема за да ги мотивираат играчите што ги имаат во тимот. Но, ова не е дека влијае врз нас, ние ќе влеземе да дадеме 100% и не треба да се занимаваме со тоа што се случува во противникот. Исто како што тие не знаат што се случува во нас, така ни ние не знаеме за нив. Можеби тие би можеле да бидат само „лажни“ вести за да нè демотивираат – рече Цаке.
Ако Шкендија биде елиминирана во ЛШ, ќе игра против Дрита или Копенхаген во Лига Европа